Македонија
(Видео) Заев на средба со Могерини: Македонија се врати на правиот пат кон ЕУ и направи многу исчекори напред
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, при работната посета на Брисел имаше и билатерална средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, а потоа учествуваше и на работниот ручек што го организираше Могерини со лидерите на државите од Западен Балкан.
На средбата на Заев со Могерини констатирано е дека Македонија се врати на правиот пат кон ЕУ и направи многу исчекори напред во евроинтеграцискиот процес.
„Поздравени се храбрите и инклузивни, лидерски политики на премиерот Заев и на Владата, за успешно затворање на прашањата со соседите, реформскиот процес преку зацртаниот план 18, како и донесувањето на Законот за амнестија, што треба да го помогне процесот на помирување и да го обезбеди владеењето на правото. На средбата е потенцирана и важноста од успешно заокружување на процесот во парламентот на гласање на уставните амандмани и за реализација на договорот од Преспа, како и важноста од имплементација на клучните реформи, посебно во правосудството, со цел отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година“, велат од Владата во соопштението што го испратија по средбата.
„За нас како Република Македонија, 2018 година беше во знакот на решавање на крупните прашања со соседите, суштински реформи во клучните области и целосно одблокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Република Македонија искористи максимум од можностите за надоместување на изгубеното време, а Владата направи сè во нејзина моќ за да ги возобнови стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата држава. Мотивирани сме од вашата поддршка, како и досега и тоа е наш поттик, да истраеме во процесот на реализација на договорот од Преспа и за уште посилна посветеност на имплементација на суштинските реформи“, рече Заев на средбата.
Премиерот Заев ѝ се заблагодари и на европската претставничка Могерини, како и на претседателот на Европскиот совет, Туск, за поддршката што ја доби Македонија во 2018 година, за Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан со којашто е дадена јасна перспектива за членство во ЕУ, за Самитот во Софија на тема ЕУ и Западен Балкан и за заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, со коишто се отвора патот за почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година. Заев изрази надеж и желба таа поддршка да продолжи и во 2019 година, кога уште повеќе ќе ѝ биде потребна на Македонија.
На регионалната средба на лидерите од Западен Балкан, пак, се разговараше за актуелните политички случувања во регионот, за успесите и предизвиците во 2018 година, како и за очекувањата во претстојна 2019 година. Споделени се ставови за регионалната соработка, посебно за нејзино интензивирање на економски план. Заеднички е ставот дека стабилен и економски развиен регион интегриран во ЕУ е интерес и на Балканот и на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

