Македонија
(Видео) Заев: Отворени сме за сериозни и суштински реформи во изборниот процес
Со цел да се зајакнат институциите што спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси, со фокус на внатрешнодемократизирани политички партии, чии политики и изборни програми се ориентирани кон граѓаните и нивните потреби, денеска премиерот Зоран Заев во име на Владата потпиша меморандум за соработка со швајцарската амбасадорка Сибил Зутер во име на Швајцарската агенција за развој и соработка за поддршка на изборната реформа во РСМ за периодот 2019-2023 година.
„Реформирањето на изборните процеси во согласност со демократските принципи и почитувањето на човековите права е приоритет на Владата. Поддршката од Швајцарската влада е исклучително важна за реализација на нашите заложби токму во овој дел. Основната цел на програмата е спроведување демократски и кредибилни избори, кои ќе овозможат политичко учество на гласачите преку избор на нивни претставници од кои ќе се бара отчетност.
Конкретно, програмата треба да резултира со зајакнати институции кои спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси. Исто така, фокусот ќе биде на внатрешнодемократизирани политички партии, чии политики и изборни програми треба да бидат ориентирани кон граѓаните и нивните потреби. Од друга страна, граѓаните ќе бидат подобро едуцирани и информирани за да бараат отчетност од политичките партии и избраните функционери.
Цел на Владата е да обезбеди одржливост во спроведувањето на овие цели. Оттука, по завршување на поддршката од Швајцарската влада предвидено за 2023 година, сите алатки и инструменти развиени преку програмата ќе бидат преземени од министерствата за да се користат и понатаму за оваа намена. Потпишувањето на овој меморандум е важен чекор на долгиот и успешен пат на градење пријателски односи и соработка со Швајцарија. Моја намера е ваквата соработка во делот на изборните реформи, но и за другите важни прашања, да се развива и понатаму“, рече Заев.

Тој додаде дека Владата секогаш е отворена за сериозни и суштински реформи во изборниот процес.
„Нам ни е многу важно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот процес, да бидат мотивирани да гласаат на изборите и да веруваат во изборниот систем. Ние сме подготвени да ги спроведеме сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР за подобрување на изборниот процес на наредните парламентарни избори во април 2020 година. Сакаме да одиме секако и чекор понатаму бидејќи за нас – фер, демократски и слободни избори се стандард што веќе го достигнавме на претходните одржани локални и претседателски избори, но тука не треба да застанеме.
Знаете дека како политика на оваа Влада, отворени сме за дебата за промена на изборниот систем и воведување една изборна единица, отворените листи и систем што ќе овозможи поголема претставеност на граѓаните во парламентот и поголема мотивација за учество на изборите. Исто така, ја поттикнавме и ја охрабруваме дебатата за 50 – 50 рамноправна застапеност на двата пола на изборните листи, дел од политичките партии во државата веќе ќе го применуваат овој модел, но убаво е и системските решенија да ја налагаат рамноправната застапеност. Важна е и севкупната демократизација на политичките партии, која за нас е од суштинска важност на патот кон демократизација на општеството и државата со единствена цел – враќање на политиката кај граѓаните и отворање на политиката како можност за секого. Пред нас се клучни избори во април 2020, кои ќе го одредат натамошниот пат на државата и кои ќе ја потврдат Северна Македонија како одличен пример за фер и демократски избори во последните три години“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

