Македонија
(Видео) Заев пред Европскиот парламент: Ова е најдобрата шанса што сме ја добиле досега
Премиерот Зоран Заев во обраќање пред пратениците во Европскиот парламент истакна дека Македонија е исправена пред одлука што не е лесна, но се работи за најдобрата шанса што земјата ја добила досега.
„Ќе бидеме Република Северна Македонија, со признаен македонски народ и јазик. Ова е најдобрата шанса што нашата земја ја добила досега. Нема да ја пропуштиме шансата зашто таа е нашиот билет за ЕУ и НАТО. Перспективата за членство во ЕУ е движечка сила за успешно справување со предизвиците и исполнувањето на реформите“, рече Заев во обраќањето.
Говорејќи за стандардите на ЕУ, премиерот посочи дека Македонија е подготвена да ги испорача и дека нема да се откаже од визиите за подобра иднина. Токму таа верба, како што рече Заев, била мотив за да се склучат договорите со Грција и Бугарија.
„Вербата во европската иднина беше клучен мотив за договорите со Грција и Бугарија, се гордееме со постигнатото. Ние секојднево го живееме европското мото – обединети во различностите. Политичката криза низ која поминавме беше борба за либералните вредности. Нашите граѓани го направија изборот. Сакаме да бидеме инспирација за решавање на сите отворени прашања на Западен Балкан. Веруваме дека имаме добар достоинствен договор. Договорот од Преспа е одличен модел за решавање чувствителни прашања и може да се употреби во други делови од светот. На граѓаните е да одлучат дали ќе го премостат прагот на иднината“, истакна Заев.
Во таа насока премиерот изрази надеж дека референдумот ќе биде успешен, а Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО и ќе ги затвори поглавјата за членството во Унијата.
Заев истакна дека првпат на македонски премиер му е дадена шанса да зборува на македонски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

