Македонија
(Видео) Заев: Сите мисии на светите браќа Кирил и Методиј биле обединувачки, исто како и денес
Мисиите на светите браќа пред 12 века биле обединувачки, исто како и денес, изјави премиерот Зоран Заев на промоцијата на печатеното издание на „Проглас“ од Константин Философ – Св. Кирил и на отворањето на изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, како дел од содржините за одбележување на празникот 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, што се организирани со Република Словачка.
„Овој настан во чест на Светите Кирил и Методиј обединува. Овој пат ги обедини Република Северна Македонија и Република Словачка преку заедничкото издание на ‘Прогласот’ на Константин Философ – Свети Кирил. Но тука со нас се и гостите од Чешка и претставници на другите братски држави, обединети и преку род и преку заедничката писменост. Ова библиофилско издание, кое за првпат беше објавено во Словачка по повод 1150-годишнината од Великоморавската мисија на сесловенските просветители, сега доживеа и второ, дополнето издание на старословенски, словачки и македонски јазик. Објавено е повторно од страна на Словачката народна библиотека, во соработка со издавачот Друштвото на писатели на Словачка и со финансиска поддршка на Владата на Република Северна Македонија. Посебна заслуга за ова издание му припаѓа на господин Стојан Лекоски, наш сограѓанин кој повеќе години живее и работи во Словачка и кој се јавува како составувач и преведувач на ова дело“, изјави Заев.
Во однос на изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, премиерот раскажа дека на неа, низ фотографии и илустрации се прикажани животот и делото на сесловенските просветители и нивните мисии меѓу Сарацените, Хазарите, Брегалничката мисија, како и нивната најзначајна мисија за Словените – мисијата во Велика Моравија.
„За тоа колку е големо делото на Свети Кирил и Свети Методиј сведочи и признанието кое им го оддава папата Јован Павле Втори во неговото послание од 31 декември 1980 година, со која ги прогласува светите браќа за патрони, заштитници, на Европа“, подвлече премиерот. Овој чин, како што додаде, само потврди дека мисијата на светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите.
„Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничките допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и по повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина“, порача премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

