Македонија
(Видео) Заев: Со Бугарија ќе разменуваме идеи сè додека не ги надминеме пречките
Во врска со преговорите со Бугарија и за содржината на нонпејперот и разговорите на специјалниот претставник на Северна Македонија, Владо Бучковски, во комуникацијата со Софија, премиерот Заев подвлече дека со бугарската страна постојано се разменуваат идеи за надминување на пречките.
„Тоа се размена на идеи коишто постојано ги даваме и ќе продолжиме да ги даваме сè додека не ги надминеме проблемите и пречките коишто од страна на Бугарија се испречија на нашата европска интеграција. Тука е акциониот план којшто е изработен заедно министерот за надворешни работи, со потпретседателот на Владата за европски прашања и со Канцеларијата на претседателот на Владата како дополнителна мотивација за поефикасна и побрза имплементација на Договорот со Бугарија“, рече премиерот Заев.
Тој повтори дека дел од одговорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е меѓусебно, реципрочно немешање во внатрешните работи на двете земји, вклучително и малцинските права, бидејќи тоа е меѓународно уредено и кај нас и во Бугарија и сите земји кои се членки во НАТО и Европската Унија, ООН.
Премиерот Заев јавно испрати порака дека ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме во работи кои се однесуваат на граѓани на туѓа држава.
„И од тој аспект, потврдуваме дека скратеното име Северна Македонија е исто како Република Северна Македонија и се однесува на актуелните политички и географските граници и меѓународно прифатеното име на земјата. Немаме територијални претензии. Тоа го докажавме и според стандардите на НАТО со понудата Бугарија да биде уште еден заштитник на македонското небо“, подвлече премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Додека Филипче е во опозиција, мигранти во Македонија нема да има, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Во изминатиот период, сведоци сме на конструирање лаги, манипулации, скандали и вештачки теми, кои произлегуваат од СДС. За да го одвлече вниманието од сопствени проблеми, СДС на чело со Венко Филипче, се пушти на најјако во измислување лаги и манипулирање на јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа не е случајно и тоа сите го знаат. Наместо СДС да се исчисти од Филипче и неговиот ментор Заев, кои ја уништија партијата и ја доведоа до 120 илјади гласа, ти прават се за да останат на чело, на и така распуштената партија.
Од таа причина отвораат разни теми, како и последната со мигрантите. И покрај тоа што сите во државата, но и британскиот амбасадорот негираа дека во Македонија ќе се носат мигранти од Велика Британија, СДС и Венко Филипче продолжуваат само за тоа да зборуваат.
Иако знаат, уште еднаш им повторуваме, додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во државава никакви мигранти нема да има.
Но, сепак, во државава има некој кој на македонска територија сакал да отвори прифатни центри за мигранти, а за тоа гласал и на владина седница.
Тоа е Венко Филипче, кој како министер во владата на Заев, активно работел на отворање на мигрантски камп во Бардовци. Ова, Филипче го прави единствениот актуелен политичар кој работел на населување на мигранти во Македонија.
Во 2018 година, како министер во тогашната влада за Заев, Филипче активно учествувал во носењето План за проект за изградба на прифатен центар за мигранти во Бардовци.
На ден 26.01.2018 година, во „Службен весник на Република Македонија“, број 16, страна 189, точка 1.6, стои: „Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.“
Од ова е многу очигледно дека Венко Филипче и СДС имале партиска и државна политика за населување мигранти и да не бил тогашниот притисок од ВМРО-ДПМНЕ, денес во Македонија ќе имаше мигранти.
На СДС, а посебно на Филипче кој сè уште е продолжена рака на Заев, на ваквото глумење загриженост и некаква одбрана на државата, никој не му верува. Ни на повикот за протести никој нема да им одговори, дури ни нивните последни поддржувачи и членови.
Затоа што и народот и членовите на СДС јасно гледаа и се срамат од овој двоец кој, освен што го има киднапирано СДС, и од опозиција продолжува да ја контаминира и Македонија. Сите добро знаат дека и така наречената декларација и темата за мигрантски кампови, се само обиди за спас на криминалите на Заев и Филипче.
Нема да можат да дефокусираат со измислени теми и одговорност за криминалот ќе има, а тоа што треба СДС и Филипче да направат е да им се извинат на граѓаните за ширењето паника, сеењето страв и лажењето.
Сè додека Филипче е во опозиција, мигранти во Македонија нема да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Почината жена пронајдена во дупка во атарот на гостиварско Неготино: за едно осомничено лице одреден краткотраен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар во текот на ноќта изврши увид во атарот на гостиварското село Неготино, каде беше пронајдено тело на засега неидентификувано починато лице закопано во дупка.
Поради сомненија дека станува збор за жена која била претходно пријавена за исчезната со индиции дека била противправно лишена од слобода, јавниот обвинител нареди обдукција и идентификација на починатото лице и прибирање траги од лице место.
Во текот на ноќта беа преземени повеќе истражни дејствија, по што за едно осомничено лице е одредена мерка краткотраен притвор од 48 часа за обезбедување докази, додека уште едно лице е задржано и за него се вршат проверки.
По наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот.
Македонија
ВЛЕН: Неконтролираните трошоци на ДУИ ја уништија општина Сарај
По повеќе од еден месец работа, вистината за тоа како беше уништена Општина Сарај сега е пред граѓаните., велат од ВЛЕН.
„Близу 4 милиони евра долгови, сомнителни договори и нерегулирани трошоци се наследството што го пронајде градоначалникот Мухамед Елмази. Ова не е изолиран случај, туку модел на лошото владеење на ДУИ со години секаде каде што имало власт без контрола и без отчетност. Сарај е најчистиот пример за начинот на кој ДУИ управувала со општините, без ред, без одговорност и со логика дека институциите се третираат како лични феуди на нивните групи“, велат од коалицијата.
Од ВЛЕН вела дека денес, Сарај започнува од нула, со финансиски ред, со целосна транспарентност и со администрација што работи само за граѓаните.
„ВЛЕН го поддржува секој чекор на градоначалникот Елмази за документирање на злоупотребите и испраќање на сите случаи до надлежните органи. Никој нема да биде заштитен и ниедна злоупотреба нема да биде скриена. Граѓаните на Сарај ќе ја видат разликата помеѓу она што ДУИ го остави зад себе, долгови, сомнителни договори и хаос, и она што носи ВЛЕН, ред, одговорност и јавна служба“, велат од ВЛЕН.

