Македонија
(Видео) Заев ја почна официјалната посета на Романија со средба со премиерката Данчила
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ја почна официјалната посета на Романија со средба со романската премиерка, Виорика Данчила. Таа соопшти дека во Романија се почнати процедурите за ратификација на протоколот за пристап на нашата држава во НАТО, што е изгласано во Домот на пратениците. Во изјавата за медиуми таа рече дека очекува брзо заокружување на тој процес и дека земјава што побргу ќе биде 30. членка на НАТО.
Романската премиерка Данчила ја реафирмира позицијата за продолжување на проширувањето на ЕУ врз индивидуални заслуги за земјите од Западен Балкан. Таа изјави дека очекува дека во јуни ќе бидат потврдени политиките на проширување на ЕУ и охрабри нашата земја да продолжи со исполнување на реформските аргументи. Премиерката Данчила јавно му честита на премиерот Заев за неговиот придонес преку храброста и енергијата во големите процеси за нашата држава, што смета дека е инспирација за целиот регион, соопшти Владата.
Во изјавите за медиумите премиерот Заев рече дека носи искрени поздрави од граѓаните на нашата држава и од Владата.

„Во нивно и во мое име ви се заблагодарувам за вчерашната ратификација на протоколот за пристап во НАТО во Домот на пратениците на романскиот парламент и за сета ваша поддршка во процесот на НАТО-интеграциите на нашата држава. Особено ми е драго што сме во официјална посета на Букурешт и што посетата се поклопува со една важна фаза во ратификацијата на протоколот за влез во НАТО од страна на пријателска Република Романија. Пред 11 години, токму овде во Букурешт, беше пропуштена историската можност за влез на нашата држава во алијансата. Денес, на темелите на минатото изградивме иднина. Северна Македонија е на атлантскиот пат. Пријатели, благодариме“, порача Заев.
Освен за НАТО-интеграциите, премиерот Заев се заблагодари и за поддршката во европскиот пат на земјава. „Благодариме и што Република Романија за време на претседавањето со Советот на Европската Унија го одржува фокусот на проширувањето и ги мотивира заложбите на сите земји членки на ЕУ да ја поддржат земјава во европските аспирации. Без задршка, ќе ги пренесам очекувањата на Владата и на граѓаните на нашата држава, по отворените НАТО-перспективи, во јуни да ја потврдиме одлуката за почеток на преговорите со ЕУ“, рече премиерот Заев.
Тој објасни дека земјава е во процес на суштински реформи, дека има свест за важноста од имплементацијата на донесените закони и потребата да испорачаме резултати во клучните реформски области водејќи се од европските принципи и вредности. Дека направивме пресврт во политичката клима во државата, а ја поставивме земјава на јасен демократски пат како едно општество за сите во државата.
„Презедовме храбри и внимателни политички чекори со кои ги постигнавме договорите, прво со нашиот сосед, Република Бугарија, а потоа и со нашиот сосед Република Грција. Договорот од Преспа, што го реализиравме, денес е пример дека се можни решенија на најчувствителните билатерални политички прашања“, нагласи премиерот Заев. Тој додаде дека е значајно што со премиерката Данчила е постигната согласност за унапредување на економската соработка и можноста за одржување бизнис-форум.
„Интересот на инвеститорите за вложувања во нашата земја расте. А како две пријателски земји, кои немаат отворени политички прашања, имаме можност да се посветиме на економијата, она што е во директен интерес за граѓаните на нашите држави. Тоа ќе го направиме и со договорот меѓу двете влади за соработка во образованието, науката, културата, медиумите, младите и спортот, што е во завршна фаза за ратификација во нашето Собрание“, наведе премиерот Заев.
Таа упати честитки за отворените НАТО-интеграции и за крупните политички чекори направени за кус временски период и рече дека Романија сака да ја види земјава како еднаква членка на НАТО.
На билатералната средба упатени се честитки за целиот прогрес на нашата земја за НАТО со надеж дека европскиот пат ќе биде реалност и дека тоа би бил најсреќниот момент од работата на романското претседателство. На состанокот се разговараше и за поконкретни иницијативи во меѓусебната соработка во областите на енергетиката и одбраната.
Средбата на ниво на делегациите беше реализирана на високо владино ниво. Од страна на Романија, освен премиерката, беа и министрите за надворешни работи, за одбрана, за дијаспора. Премиерот Заев, пак, е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, и заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски. Попладнево предвидени се средби на премиерот Заев и делегацијата со претседателот на Домот на пратениците, Ливиу Драгнеа, како и со заменик-претседателот на Сенатот на Романија, Јулијан Клаудиу Манда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за туризмот: Очекуваме пет милиони преноќувања до 2028, ако сè оди по планот
Премиерот Христијан Мицкоски очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
„Па ако биде сѐ како што треба, не би се изненадил тоа да биде 2028–2029“, изјави Мицкоски, коментирајќи ги очекувањата за растот на туризмот во земјава.
Одговарајќи на новинарско прашање за движењата во туризмот, економскиот придонес на секторот, бројките од 2025 година и очекувањата од 2026 година, Мицкоски рече:
„Туризмот е еден од нашите приоритети. Минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, некаде над 6 отсто. Но, она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10%, таа е двоцифрена бројка. Се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок. Оваа година повторно имаме организирани групи, повторно како Влада сме проактивни и работиме. И јас очекувам повторно двоцифрен број на раст кај странските туристи и генерално очекувам 2026 да имаме раст на бројот на туристи во Македонија. Работиме паралелно и во поддршка на изградба и надградба и реновирање на постоечките туристички сместувачки капацитети и угостителски капацитети. Целата наша е да дојдеме до, ако е возможно тоа, до пет милиона преноќувања во Македонија, нешто коешто ќе претставува историски рекорд. Е сега работиме во таа насока. Оваа година, чекор по чекор да дојдеме до три и пол милиона, па потоа и понатаму.“
Македонија
Државниот архив со неповолна ревизија: Неевидентирани објекти, слабости во пописот и пресметката на платите
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики на Државниот архив за 2024 година.
Врз основа на извршената ревизија, Заводот изрази неповолно мислење и за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со релевантните прописи.
Во 2016 година, Архивот добил исто така неповолно мислење за финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со закони. Во 2018 година, Заводот извршил преглед на спроведувањето на препораките од тогашната ревизија – од девет дадени препораки, две биле спроведени, четири делумно, а три биле сѐ уште во тек.
Со извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2024 година, утврдиени се следниве состојби:
– слабости во начинот на спроведување на пописот на средствата и обврските и неизвршено усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот;
– за дел од објектите сопственост на Државниот архив не постојат докази дали истите се евидентирани во деловните книги и не се преземени активности за осигурување на постојаните средства;
– не се врши ажурно и хронолошко евидентирање на движењето на залихите на публикуваните изданија;
– неисполнување на основните услови кои треба ги поседуваат депоата на Државниот архив со цел да се заштити архивскиот материјал, како и условите за заштита од неовластен пристап до архивскиот и документарен материјал;
– слабости при пресметката на платите;
– не е воспоставено вршење на внатрешната ревизија, што укажува на не воспоставен механизам кој ќе обезбеди подобрување на работните процеси и зајакнување на внатрешните контроли и
– слабости во спроведувањето и реализацијата на постапките за јавни набавки.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите. Во делот на нагласување на прашања обелоденети се следните состојби:
– во актот за систематизација на работните места не се предвидени сите нивоа на работни места на административни службеници;
– слабости во начинот на пополнување на испразнетите работни места со договори на определено време;
– ново доделениот објект не е во согласност со стандардите за архивско работење, што влијае на основната дејност на Државниот архив
– чување на архивскиот материјал кој претставува културно историско наследство од посебен национален интерес за државата и
– судските постапки во кои Државниот архив е тужена страна што може да има финансиски импликации во иднина.
Во делот на останати прашања ревизорите известуваат за изменување и дополнување на законската регулатива во насока на уредување на начинот на избор на заменик директор на Државниот архив, условите кои треба да ги исполнува како и утврдување на неговите надлежности. Во текот на ревизијата од страна на Државниот архив на Република Северна Македонија извршени се сметководствени корекции по дадените препораки од Државниот завод за ревизија кои предизвикуваат промени во финансиските извештаи. Од страна на одговорните лица на Државниот архив на Република Северна Македонија за периодот предмет на ревизија доставена е забелешка на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор, истата е разгледана и не е прифатена од причина што не се доставени нови докази за промена на утврдениата состојба.
Македонија
Филков: Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде резултат на договори, туку процес заснован на заслуги
Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност, рече министерот за правда, Игор Филков, на настанот „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“, во организација на НКЕУ-МК.
Тој информира дека на последната седница Владата го усвои новиот Закон за Советот на јавни обвинители, со кој се воведува повисок цензус и јасни критериуми за избор на членови од редот на обвинителите, како и транспарентна и инклузивна постапка за членовите што ги избира Собранието.
„Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност. Секоја одлука на Советот – за избор, унапредување, дисциплинска одговорност или разрешување – ќе биде задолжително образложена и јавно објавена, со што транспарентноста станува законска обврска“, рече Филков.
Министерот истакна дека измените се резултат на констатирани слабости во правосудниот систем во изминатиот период, како што се долготрајни постапки, случаи на корупција, недоволна транспарентност и отсуство на ефективна одговорност.
„Со овие законски решенија директно ги адресираме овие проблеми. Подготвивме измени на триесеттина закони, од кои најголемиот дел се од суштинска важност за правосудството. Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – транспарентно, професионално и непристрасно“, истакна Филков.
Министерот за правда кажа дека непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото. Тој додаде дека обезбедувањето целосна независност и зголемувањето на ефикасноста на правосудството се јасен приоритет на Владата и Министерството за правда, при што во подготовката на новите законски решенија посебен фокус е ставен на изборните и дисциплинските механизми, во согласност со европските стандарди.
Филков информираше дека реформите во Судскиот совет веќе се реализираат. Со новиот закон, рече тој, се утврдени јасни критериуми за избор и разрешување, заострени се условите за професионално искуство и прецизиран е терминот „истакнат правник“.
„Воведени се јавни расправи при изборот на несудските членови, како и јавен и транспарентен оглас за членовите што ги избира Собранието. Детално е уредена дисциплинската постапка за членовите на Советот, со јасно дефинирани основи за одговорност и состав на дисциплинската комисија. Предвидена е и итна постапка за утврдување одговорност на судија или претседател на суд, која не може да трае подолго од шест месеци“, рече Филков.
Министерот изрази очекување дека Законот за јавно обвинителство наскоро ќе биде усвоен во Собранието. Тој кажа дека во него се вградени европски препораки, воведен е јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на јавните обвинители, како и прецизни рокови за постапките.
„Ги зајакнуваме гаранциите за самостојноста на обвинителите и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Надзорот го уредуваме системски, без мешање во конкретни предмети“, нагласи Филков.
Со законските измени, појасни тој, се предвидуваат и прецизни основи за престанок на функцијата, вклучително и во случаи на правосилна осуда за кривично дело против службената должност.
Дисциплинската постапка ќе мора да заврши во рок од шест месеци, а во посложени случаи најдоцна до девет месеци. Согласно препораките на ГРЕКО, се воведува градација на дисциплинските повреди на лесни, потешки и најтешки.

