Македонија
(Видео) Започна изградбата на првиот затворен базен во Тетово
Техничкиот премиер Оливер Спасовски го означи почетокот на изградбата на првиот затворен базен во Тетово, како дел од проектот „Изградба на 14 пливачки базени“.На настанот на кој присуствуваа и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Хисен Џемаили и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, премиерот Спасовски нагласи дека Владата продолжува да инвестира во развојот на спортската инфраструктура и дополни дека ова е важен проект за младите и за здравиот начин на живот, односно за иднината.
Спасовски информираше дека проектот за изградба на 14-те пливачки базени ќе се одвива во две фази, при што во првата фаза, покрај Тетово, ќе бидат опфатени општините Кичево, Битола, Штип, Кисела Вода и Ѓорче Петров, каде се очекува наскоро да биде означен почетокот на изградбата на базените, додека во втората фаза ќе бидат изградени уште 8 базени.
„Оваа Влада покажа дека спортот зазема важно место на нејзината агенда. Покажа дека мораме да вложуваме во навиките на децата, во навиките на младите луѓе да се занимаваат со спорт, да имаме здрав живот, затоа што нема повредно нешто од здравјето и животот на граѓаните“, подвлече Спасовски.

Тој истакна дека Владата систематски работи на развојот на спортот и физичката култура, преку мерки како што е вложувањето во спортот преку ваучерскиот систем, но и со воведувањето на настава по физичко образование уште во прво одделение, која се изведува со посебен наставник.Пред присутните се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, кој истакна дека овие проекти ќе придонесат за развојот на спортот и формирањето на здрави навики, при што во фокусот се децата и младите.

„Овој проект започна со консултација на голем број спортски работници, кои укажаа дека е потребна изградба на ваква спортска инфраструктура, на вакви базени, со цел развој на спортот не само во Скопје, туку и во сите останати општини и градови, а со тоа да ги подигнеме спортските услови и стандарди, наведе директорот Каевски.Директорот на Агенцијата за млади и спорт Каевски информираше дека рокот на изградба на базенот е 18 месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

