Македонија
(Видео) Зајкова: Свртете се во салата и погледнете колку колеги мажи има присутни
Секој 8 Март е симбол за подарок цвет како израз на почит кон жените, но исто така и потсетник за нашата упорна борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Важно е да разбереме дека треба да работиме заедно секој ден, за да се осигури дека жените се чувствуваат важни, издигнати и почитувани секој ден, а оваа година им порачувам на сите мажи и жени секој ден да биде 8 Март, потенцира денеска во Собранието претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова.
-Свртете се во салата и погледнете колку колеги мажи има присутни! Да не дозволиме само еден ден во годината жените да се чувствуваат важни, издигнати и почитувани, а останатите 364 дена предмет на вербално и физичко насилство. Трнливиот пат кој што сме го поминале низ историјата е доказ за нашата сила, упорност и истрајност. Своевиден потсетник дека можеме да издејствуваме промени и дека сме способни да ги надминеме разликите за доброто на нашата држава. Во моментов, во нашето општество постои поделеност на леви, десни и централни партии, но жените се тие коишто треба да ги надминат разликите и да работат заедно за доброто на граѓаните, а не само да ја следат партиската идеологија, на што за жал се повеќе сведочиме. Покажавме дека знаеме како да бидеме храбри, одлучни и добри лидерки, додаде таа.
Зајкова истакна дека борбата против родово насилство и дискриминација се уште трае и бара нашата посветеност и труд за нејзино целосно сузбивање, а според неа важно е сите заедно да работиме на мотивирањето и поттикнувањето на учеството на жените во бизнис заедницата, како и на изедначување на нивните плати со мажите.
-Со влегувањето во политиката, сакав да послужам како пример за младите жени и да им покажам дека можеме да придонесеме многу за општеството. Борбата за родова еднаквост е борба на сите нас. Таа ќе продолжи додека секоја жена не биде еднакво почитувана и вреднувана како интелектуално развиено битие, а не само за исполнување на квотата- жена, рече Зајкова.
Таа исто така испрати порака дека треба да работиме на едукацијата, да ги учиме децата дека и жените можат да бидат војници и мажите шминкери и да придонесеме кон рушење на закоравените стереотипи дека има поделба на „машки” и „женски” професии, да го ослободиме нашето општество од оковите на патријархалното општество и да започнеме да го негуваме духот на либерализмот и зајакнување на моќта на индивидуата.
Ова обраќање на претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, служи како силен потсетник на значењето на Меѓународниот ден на жената и потребата од континуирана борба за родова еднаквост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
23 години од масакрот кај Вејце кога беа ѕверски убиени, а потоа запалени 8 македонски херои: Стојанче Ангелов положи цвеќе и запали свеќи
Денеска се одбележуваат 23 години од масакрот кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија.
Масакрот се случи на денешен ден, 28 април 2001 година, во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија!
Делегација на Достоинство утрово положи букет свежо цвеќе и запали осум свеќи во чест и помен на осумтемина загинати бранители убиени во крвавата заседа кај с.Вејце. Фотографии објави генералот Стојанче Ангелов.
Македонија
Остануваат уште 9 дена изборна кампања: партиските агенди и денеска набиени
Уште 9 дена изборна кампања. И денеска лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател, ќе ги презентираат своите изборни програми.
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска ќе оствари средба со жителите на село Велебрдо и со жителите на општина Маврово.
Гордана Силјановска Давкова, исто така, ќе има средби со граѓани, додека коалицијата што ја поддржува предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира програмата за парламентарните избори пред граѓаните во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид.
Во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, ќе се сретне со граѓаните на Струга и Дебар, а претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, дел од Коалицијата „Вреди“ во рамките на изборните активности ќе даде изјава за медиумите во 12 часот во близина на „Веро“ во Чаир.
Македонија
Основците и средношколците од утре на пролетен распуст
Од утре до 6 мај, учениците од основните и средните училишта ќе бидат на пролетен распуст.
Пролетниот распуст е воведен првпат во оваа учебна година, па затоа има промена и во календарот за настава.
Па така, учебната 2023/2024 година за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.
Ден претходно, односно на 7 мај, вторник, во училиштата каде што ќе се организира гласањето, ќе имаат скратени часови и работно време до 11 часот.
Неработните денови поради изборите ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
Учениците во Скопје треба да надоместат и за пропуштената наставата на 30 ноември лани кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, Министерството за образование и наука ги задолжи директорите на училиштата.