Македонија
(Видео) За еден ден казнети 325 возачи за брзо возење
Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на патиштата од Гевгелија до Скопје и од Куманово до Охрид, а вчера, 27 март, казнети се 325 возачи за брзо возење, соопшти денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„На територијата на СВР Тетово полициските службеници санкционирале 194 возачи, од страна на Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи се изречени 47 мерки, а останатите се од страна на полициски службеници од СВР Охрид, СВР Куманово и СВР Скопје“, соопшти Ангеловски.
38 возачи возеле со дури 70 километри на час над дозволената бризна, а 146 со брзина од над 50 километри на час над дозволеното.
„Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви -125“, рече Ангеловски.
Тој најави продолжување на засилените контроли и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Македонија
Доделување на наградата „Св. Климент Охридски“
Во Кристалната сала на Собранието, денеска, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ ќе ја додели државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2025 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието му се доделува на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, а наградата за остварување во областа на културата и уметноста, им се доделува на композиторот Живоин Глишиќ и на ликовниот уметник Беди Ибрахим.

