Македонија
(Видео) Отидов да берам дренки кога пред мене излезе мечката и ме нападна, сведочи мажот од Пласница
Седумдесет и шестгодишниот Минче Рамчески од Пласница вчера излегол да бере дренки кога пред него се појавила мечката и го нападнала.
Мечката го загризала за левата слабина. Беспомошен барал помош и во пресрет излегле ловци кои почнале да пукаат во воздух. Мечката побегнала.
Во разговор со директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, Рамчески зборуваше за нападот.
„Полека со стапчето појдов и стигнав до Горно Село, тоа старо село е. Тука барав дренки, најдов понекоја и седнав на патот. Го оставив стапчето и запалив цигара. Така си седев, кога одеднаш, не знам како се најде тука, пред мене се појави мечката. Ме турна, ме легна долу. Сакав да ѝ дадам отпор, ама не можев. Се исплашив многу“, раскажа мажот.
Почнал да бара помош, па дошле ловци кои случајно биле во близина.
„Викав ‘Помош, помош’. Ловците пукаа. Им Благодарам што ме спасија. Ви благодарам и вас што дојдовте да ме снимите“, вели човекот.
Раскажа дека мечката не го држела долго и за три секндуи избегала. Бил многу исплашен.
За случката зборуваше и Раим Рамчески – еден од ловците кои се нашле на местото на нападот.
„Слушнавме дека некој бара помош. Пукавме во воздух, истрчавме и по пат го видовме човекот. Беше пребледен. Не можеше да ни објасни што се случило, викаше само ‘мечката, мечката’. Зборуваше само ‘мечката ме изеде“. Го однеле во Кичево во болница.
Рамчески рече дека годинава наишле на многу места каде што имало стапала од мечки, а видел и мечка на голема далечина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

