Македонија
(Видео) Илхан Ќучук: Без реформи, РС Македонија ризикува да се одвои од Албанија на патот кон ЕУ
„Без да ги спроведе потребните реформи, РС Македонија не може реално да ги почне преговорите за влез во Европската Унија.
Вклучувањето на Бугарите и другите народи во Уставот е дел од францускиот предлог, кој е европски предлог. Тоа се условите и двете страни ги прифатија, никој не поставува дополнителни услови“.
Ова во интервју за „Бгнес“ го изјави Илхан Ќучук, претседател на политичката партија Алијанса на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и пратеник во Европскиот парламент од групата „Обнови ја Европа“.
Во македонското општество треба да почне тешката дебата за уставните измени за да се почне фактичкото отворање на сите поглавја, односно Република Северна Македонија да чекори по патот кон Европската Унија врз основа на реформска агенда.
„Најважниот предуслов е јавен консензус, но не помалку важен е и политичкиот договор. Како известувач на Европскиот парламент им го дадов потребното политичко време на властите во Скопје, а тука мислам и на опозицијата, да го најдат овој консензус за да одат на патот кон ЕУ. Без промена на Уставот, РСМ не може навистина да почне да преговара со ЕУ“, категоричен е Ќучук.
Тој предупреди дека доколку РСМ не ги направи овие промени во блиска иднина, ќе се одвои од Албанија, која ќе продолжи и ќе им се придружи на оние земји што ќе имаат јасна патоказ, а РСМ ќе остане во групата со Србија, Косово, Босна и Херцеговина – земји што имаат сериозни билатерални прашања и кои треба да ги решат прашањата што произлегуваат од војните во блиското минато.
„Изборот е многу јасен – дали РСМ сака да продолжи по својот пат, со реформирање на јавно-социјалните односи, или ќе се приклучи на друга група, која нема јасен патоказ во ЕУ“, изјави Ќучук.
Тој истакна дека во текот на годините секогаш повикувал на едно: „Може да има тешки дебати за буџетот, социјалната политика, може да се расправате за прашањата од дневниот ред во македонското народно Собрание, но кога станува збор за стратешките цели – влезот во ЕУ, тука сите мора да бидат обединети, односно да има обединување“.
Но, ваквото обединување не е видливо, напротив – се игра со стравовите на македонското општество. „Не, никој не поставува дополнителни услови. Ова се условите, а двете страни се договорија – Бугарија и РСМ ги изгласаа овие услови во бугарското, односно македонското народно Собрание. Отсега овие договори мора да се исполнат“, дециден беше европратеникот и додаде дека доколку не се направат потребните уставни измени, нема причина да се гласа за извештајот на РС Македонија во ЕП бидејќи уставните измени се суштински предуслов за почнување на преговарачкиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

