Македонија
(Видео) И СДСМ објави видео од дрон оти видеото на Мицкоски било многу режирано
И Социјалдемократскиот сојуз на Македонија објави видео со дрон од синоќешниот собир на ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи дека со видеото што утрово го објави Мицкоски глуми невешт режисер за да го прикрие дабаклот.
„Видеото кое што Христијан Мицкоски го објави нема подолг кадар од 3 секунди. Наместо да ја прифати реалноста и да ја прими порака од граѓаните Мицкоски глуми невешт режисер, крати секвенци, од петни жили се мачи да сокрие нешто што не може да се сокрие.Еве целосно видео од дрон, без монтажи, без интервенции, дебаклот на митингот на ВМРО-ДПМНЕ е евиденитен“, велат од СДСМ.
Наспроти тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека на собирот пред Влада имало 70.000 луѓе, според СДСМ вчера излегле околу 15.000 симпатизери на партијата.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција правеше пресметка:
„На митингот имаше присутни околу 15.000 членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата сигурно планирала повеќе и ангажирала превоз и останати потреби за околу 20.000 членови. Превоз за 20.000 членови чини над 200.000 евра. 400 автобуси по околу 400 евра, за комбиња уште 10.000 евра. За бина, озвучување, светло и струја уште 20.000 евра. За вода, сендвичи околу 30.000 евра, трошоци за брза помош, пожарна околу 10.000 евра. Лесно се доаѓа до вкупна сума од 300.000 евра. Од каде се 300.000 евра на ВМОР-ДПМНЕ со блокирана сметка и замрзнат имот?“, праша Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ: Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска, независната кандидатка за јавен обвинител
Промената на јавниот обвинител беше политичка цел на Мицкоски за воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството, обвинија од СДСМ.
„Сега гo гледаме сценариото за изборот на нов јавен обвинител по мерка на Мицкоски. Тој одлучува кој ќе биде назначен. Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска –независната кандидатка за државен јавен обвинител. Иако Ристоска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа „не е во игра“, во живо, на телевизија“, велат од СДСМ.
Според партијата, независен јавен обвинител не му одговара на Мицкоски затоа што не може да го контролира.
„Професионалец со интегритет не му се вклопува во концептот. Медиумскиот октпод на Орбан во Македонија и неговите 40% медиуми што ги контролира веќе ја слават елиминацијата на Ристовска. Не се крие ништо. На кого веќе не му е јасно? Ставаат обвинител под нивна контрола, сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд. Владата ги знае судските одлуки за процеси кои се уште не се завршени а Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат. Следува целосно погребување на правдата и правната држава. Исто како во времето на Никола Груевски“, велат од СДСМ.
Македонија
Ристоска со реакција на изјавата на Мицкоски дека таа не е во игра за нов државен јавен обвинител
Во врска со изјавата на премиерот, Христијан Мицкоски, дека Ленче Ристоска не е во игра за нов државен јавен обвинител, што ја даде во телевизиско интервју, таа вели дека тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, вели Ристоска.
Според неа, професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.
„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели Ристоска.
Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица кандидати за функцијата државен јавен обвинител, меѓу кои е и Ристоска.

