Македонија
(Видео) „И јас и ти сме пешаци!“ – МВР и РСБСП со кампања низ државата
Денеска во Штип Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје започнаа со спроведување на кампања за подобрување на безбедноста на пешаците „И јас и ти сме пешаци!“.
Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска рече дека целта на кампањата е подигнување на свеста на пешаците дека се рамноправни учесници во сообраќајот и дека задолжително треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, но и возачите мора да ги почитуваат правилата за да обезбедат безбедност за пешаците.
„Денеска во Штип се реализираа активности од кампањата за пешаци. На граѓаните им беше поделен едукативно-превентивен материјал и им се даваа препораки за однесување во сообраќајот затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и заедно треба да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот.РСБСП упатува апел до пешаците: Почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот. Задолжително преминувајте на означен пешачки премин. Безбедноста секогаш нека биде на прво место“, рече Кожуваровска.
Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски оваа кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност, исто како и минатата 2022 година, значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како ранлива категорија.
„И оваа година ја продолжуваме кампањата за зголемување на безбедноста на пешаците во сообраќајот. Денеска од Штип испраќаме јасна порака за заштита на животот, за грижа за секој поединец, особено за најранливата категорија – пешаците. Јасно е дека само преку континуирани и добро реализирани мерки и активности, може да влијаеме на сообраќајната култура, секој учесник во сообраќајот да сфати дека од него зависи и неговата и безбедноста на сообраќајот на сите. Срдечно им благодарам на нашите партнери од МВР и РСБСП и на студентите од Факултетот за безбедност, за сите заеднички активности со кои покажуваме грижа и внимателност за секого, со очекување дека сите ќе бидеме внимателни и одговорни. И јас и ти, сите сме пешаци!“, рече Дујовски.
Помошникот на министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура и со тоа на зголемување на безбедноста во сообраќајот.
„Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму затоа, меѓу другото, организираме едукативно-превентивни активности како оваа денеска во Штип. Пешаците да ја преминуваат улицата само на пешачки премини и да ја почитуваат светлосната сигнализација односно никако да не ја преминуваат улицата доколку семафорот свети црвено. Не зборувајте на телефон додека преминувате улица туку целото свое внимание насочете го кон безбедно преминување од другата страна. Возачите пак, особено да внимаваат и да ја намалат брзината кога се приближуваат до пешачки премин и да им даваат предност на пешаците. Им благодарам на мнозинството граѓани кои со своето одговорно однесување придонесуваат за побезбеден сообраќај и ги повикувам и останатите да ни се приклучат и заедно да обезбедиме што е можно побезбеден сообраќај“, рече Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силна поддршка за американските мировни напори за Украина и Европа – Мисајловски со порака во седиштето на НАТО
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.
Мисајловски во денешното обраќање се осврна на целите, приоритетите и активностите кои се превземени од страна на Владата, Министерството за одбрана и Армијата во согласност со договореното од последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата кое денес е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање.
„Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса можеме да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот“, рече министерот.
Додаде дека нашата држава продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременување на македонската Армија.
„За модернизација годинава се одвоени над 32,5 проценти од македонскиот одбранбен буџет што е далеку над она што е предвидено да биде согласно НАТО целите, односно одвојување на 20 % од одбранбениот буџет за модернизација“, рече Мисајловски. Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, но имаме и тековни договори, кои посочи министерот дека придонесуваат за модернизирање и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана.
Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човековите капацитети, а доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО оценувањето кое претстои во април оваа година.
Министерот додаде дека активно ќе продолжиме да партиципираме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ како во рамки на источното крило на Алијансата, така и во рамки на KFOR и ALTHEA, сѐ со една цел, мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.
За време на состанокот министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напорите на САД за воспоставување на мир во Украина и на Европскиот континент.
По завршувањето на состанокот министерот Мисајловски замина за Минхен каде ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција која ќе се одржи од 13 – 15 февруари 2026 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за Стојаноска, остро против Трендафилов: „Тој паничи оти е фатен жив во злоупотреба“
Пратеничката Лидија Петкоска, во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската Комисија за еднакви можности и од Унијата на жени на партијата, остро реагираше на постапките на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во контекст на нападите кон пратеничката Дафина Стојаноска.
„Она што го видовме од страна на Трендафилов е директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жена во политика,“ изјави Петкоска. Таа оцени дека нападот врз Стојаноска е класичен пример на мизогинија, во кој функционер се обидува да дискредитира жена само затоа што таа, како што рече, ја обелоденила вистината за злоупотребите во ССМ.
„Слободан Трендафилов е во тотална паника затоа што е фатен жив во злоупотреба на својата положба. Наместо да се соочи со одговорноста за тоа како и за што ги троши парите на работниците, тој избра да се крие зад емотивни манипулации и евтини политички драми“, рече.
Според Петкоска, Трендафилов се обидува да го пренасочи фокусот од прашањето за користењето на службеното возило за приватни цели, манипулирајќи со темата за семејството и децата. Таа истакна дека снимките се направени со заштита на идентитетот на малолетни лица и дека целта не била напад кон семејството, туку разобличување на „расипништвото“ и „двојните аршини“ на функционерот.
„Трендафилов е целосно нелегитимен претседател. Подгответе си ја оставката веднаш – Македонија веќе нема трпение за вакви ликови кои возат службени автомобили, а народот го лажат и повикуваат да оди пеш“, порача таа.
Петкоска повика и на итна истрага од Јавното обвинителство по допрен глас, со конкретни прашања: Колку пати службеното возило било користено за приватни цели? Колку гориво платено од членарини е потрошено за лични потреби? За што сѐ е злоупотребена функцијата?
ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека стои зад пратеничката Стојаноска и бара институционална и јавна поддршка, а воедно изрази жалење што, според партијата, од Клубот на пратенички поддршка не била добиена – особено од неговата претседателка, пратеничката Јована Тренчевска.
Македонија
Николоски на средба со новата амбасадорка на САД: Постојат реални можности за интензивирање на соработката
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со Никол Варнс, вршител на должноста амбасадор на САД во земјава.
На средбата се разговараше за реализацијата на капиталните проекти со посебен фокус на изградба на автопатите Битола – Прилеп, Кичево -Гостивар (Стража) и Тетово -Гостивар.
САД се долгогодишен стратешки партнер и силен подржувач на Македонија во реформските процеси во државата, јакнење на институционалните капацитети, владеење на правото и борбата против корупцијата, беше истакнато на средбата.
„Стратешкото партнерство меѓу двете земји е гарант за обезбедување на стабилност во земјата и регионот, особено во услови на силни економски и геополитички потреси во различни делови во светот“, соопштија од Министерството.
Економските односи уште еднаш беа во фокус на разговорите каде беа потенцирани добрите трговски врски меѓу двете земји кои, како што се наведува во соопштението, бележат континуиран раст и се од огромно значење за деловната клима и инвеститорите.
Вицепремиерот Николоски ја нагласил силната заложба на Владата за економски развој преку реализација на крупните капитални проекти, со посебен акцент на регионалното поврзување и интеграција. Истакнал дека предвидените проекти на главните транспортни коридри ќе придонесат за зарбрзан економски и инфраструктурен развој во државата и регионот.
На средбата била нагласена и поддршката на САД во делот на размена на искуства и знаења во различни дејности.
„Двајцата говорници потеницираа дека постојат реални можности за интензивирање на економската и трговска соработката и во насока на добрите пријателски односи меѓу двете земји, истакнаа заедничка подготвеност за унапредување на соработката во области од заемен интерес“, соопшти Министерството.

