Македонија
(Видео) Каевски: ВМРО ДПМНЕ да го реши проблемот со превозот, што го создаде
За само една година локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје создаде хаос, заглавен и нефункционален град, без соодветен јавен превоз, со јавни претпријатија кои едвај работат. Сите ја паметиме вечерта од прославата на победата на Данела пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, со зурли и тапани. Таа во бел капут, Мицкоски во џемперче. Цело скопје вмровски град ечеше таа вечер пред Белиот дворец, изјави на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Тој додаде дека наместо модерен граѓаните добија заглавен град во хаос. Наместо нови автобуси и тие што ги има не возат. Наместо модерен јавен превоз нема ниту превоз. Заради рацете во медот и кавгите на Мицкоски и Арсовска, плаќаат граѓаните на Скопје. Сета одговорност за хаосот што му се случува на Скопје е кај Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Сите одговорни за блокадата во градот се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Од градоначалничката која беше поддржувана и промовирана од Мицкоски па се до претседателот и мнозинството во советот, директорите и членовите на управните одбори, рече Каевски.
Каевски наведе дека ВМРО-ДПМНЕ го заглави градот, како што 11 години ја држеше Македонија во заложништво.
Истакна дека локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје треба да седне да работи и да го реши проблемот со јавниот превоз во Скопје.
Скопје не смее да страда поради неспособноста и неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски, изјави Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска на нејзиниот роденден го доби Уверението за претседател, ДИК и’ посака успешен мандат
Државната изборна комисија и’ го издаде Уверението за избран претседател на Гордана Силјановска Давкова, која денес го прославува својот 71. роденден.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, врачувајќи и’ го Уверението на Давкова, од име на Комисијата и’ посака успешен мандат како шеф на државата.
Претходно, на седницата во ДИК беше усвоен Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето на изборите на 8 мај.
Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47 отсто.
Силјановска Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги отфрла неоснованите обвинувања и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. Македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја се неприфатливи.
Обидите на ДУИ да се сликаат како бранители на албанските права не се ништо друго туку фасада за прилепување до власта по секоја цена. Нивното искуство доволно говори за нивните вистински намери. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата на македонските Албанци „Вреди“, се залага за правда, транспарентност и вистинска застапеност за сите граѓани на Македонија.
Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби.
Нашиот фокус е поддржување на владеењето на правото, промовирање на единството и унапредување на интересите на сите граѓани, без разлика на етничката припадност.
Ја повикуваме ДУИ конструктивно да се вклучи во демократските процеси наместо да прибегнува кон тактики на страв и манипулации.
Иднината на Македонија е во единството, а не во поделбата“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија
Силјановска Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија – ДИК објави конечни резултати од гласањето
Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од гласањето на претседателските избори на 8 мај, констатирајќи дека за претседател е избрана Гордана Силјановска Давкова, со 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
Уверението за избор за претседател на државата и за претстојната инаугурација на Силјановска Давкова ќе и биде доделено во просториите на ДИК.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Силјановска Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија. Претходно, оваа функција од осамостојувањето ја извршуваа Киро Гигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски.