Македонија
(Видео) Каевски: Мицкоски како директор на ЕЛЕМ купувал струја по 4 пати повисока цена
СДСМ тврди дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кога директорувал со ЕЛЕМ, купувал струја по 4 пати повисока цена.
Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски на прес-конференција покажуваше документи и рече дека во време на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски цената на струјата е зголемена за 100 посто, а Мицкоски набавувал струја 3-4 пати повисока од пазарната, од цената на светските берзи.
„Во јануари 2017 година Мицкоски потрошил речиси 6 милиони евра за да купи 66.690 мегаватчаса електрична енергија, чија цена во одредени моменти ја платил и по 221 евро за мегаватчас. Во време кога немало никаква енергетска криза, ниту пак високи цени, и кога струјата вообичаено можела да се набави по околу 50 или 60 евра. Иако производната цена на ЕСМ во тој период била 45 евра за мегаватчас Мицкоски купувал и по и и по 220 евра. Тоа е разлика од околу 3 милиони евра, директно врз грбот на граѓаните“, рече Каевски.
Посочи дека да ја произведел таа енергија од домашно производство, наместо да ја купи, немало да ја оштети граѓаните и да морале да платат речиси три милиони евра повеќе.
Понатаму, тврди Каевски, Мицкоски се правдал дека струјата морал да ја купи затоа што му паднале блоковите во РЕК Битола.
„Па како му паднале блоковите во РЕК? Нели работел како што треба, нели ги одржувал? Објаснува дека имало ниски температури во Битола во јануери. Замислете. Вистината е дека ниту ги одржувал, ниту се грижел за РЕК а најмалку работел како што треба. Тоа истиот Мицкоски што пишува статуси на социјалните мрежи за струјата, зборува за цени и меша баби и жаби во време на најголема економска и енергетска криза“, рече Каевски.
Од владејачката партија велат дека денес домашното производство на струја е највисоко ниво, државата субвенционира 80% од цената за домаќинствата и се преземаат мерки за заштита на стандардот на граѓаните, во услови на најголема економска и енергетска криза.
Според нив, Мицкоски е најнеуспешниот директор на ЕЛЕМ кој нема никаков кредибилитет да зборува за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Владата на Заев и Филипче донела спорен правилник, подзаконскиот акт за канабис е во судир со законот, кој и колку профитирал од бизнисот со канабис“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Зоран Заев и Венко Филипче имале за цел Македонија да ја претворат во светска туристичка атракција за канабис. СДС на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакаа целосно да ја легализираат но тоа не им помина. Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола.
Поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот регион се претвори во центар за производство на марихуана за медицински цели.
Доказ за тоа дека се било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во време на СДС каде постои неусогласеност, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.
Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет.
Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар.
Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Дали Заев и Филипче ја туркале промената на правилникот?
Јавното обвинителство мора да интервенира итно. Граѓаните заслужуваат правда и одговорност за незаконското работење на овој картел.
Време е Заев и Филипче да одговорат пред законот и јавноста. Ниту еден привилегиран апликант, ниту еден нелегален процес, не смее да остане без казна“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

