Македонија
(Видео) Каевски: Неуспешниот пироман Ковачки и претседателот во обид Таравари дел од крвавото коалициско сценариото
Неуспешното крваво сценарио на насилните протести на ВМРО-ДПМНЕ и Левицата се потврди дека било помогнато и од структури блиски на Алијансата во Скопје, односно на претседателот во обид, Арбен Таравари. Сите пиштолџии на Мицкоски, МВР ги пронајде и се санкционирани. Меѓу нив предничи Јусуф Енус, алијас Цуфи Кока, чиј брат беше директор на „Комунална хигиена“ – Скопје, поставен од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, односно од Арсовска, изјави на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Тој додаде дека само по два дена од разрешувањето од директорската функција, иститот Јусуф Енус е поставен за шеф на кабинетот на новата директорка Косана Мазнева. Очигледно дека коалицијата на структури на Алијансата во Скопје, под команда на Таравари, одлично функцираат со ВМРО-ДПМНЕ под команда на Мицкоски.
Kаевски постави неколку прашања, и тоа: Дали неуспешниот пироман и армиски дезертер Драган Ковачки е лицето за контакт од ВМРО-ДПМНЕ за ова неуспешно сценарио? Зошто молчи Ковачки на прашањето дали ги координирал лицата со качулки пред Собранието и поранешни припадници на Армијата во насилното сценарио? Дали Арбер Таравари е лицето за контакт со структурите блиски до Алијансата во Скопје?
Од СДСМ очекуваат надлежните институции, МВР, Обвинителството и судството целосно да го расветлат обидот за крваво сценарио и етнички тензии и да дадат одговори на клучните прашања.
Едно е факт, антиевропската коалиција на Таравари и Ковачки не успеа во своите намери. Институциите, граѓаните, нема да дозволат ниту Мицкоски ниту Таравари да ја загрози европската иднина на државата, додаде Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ТИТАН Усје со поддршка за болницата во Кочани
Во насока на поддршка и унапредување на услугите за граѓаните, ТИТАН Усје обезбеди генератор за Јавната здравствена установа Општа Болница Кочани. Генераторот ќе обезбеди непречено да се извршува здравствената дејност во оваа институција, што е од огромно значење. Истовремено ќе придонесе за подобрување на ефикасноста во работењето, во интерес на граѓаните од овој регион.
Донацијата беше обезбедена по претходна консултација со менаџментот на болницата во Кочани за нивните потреби согласно спецификите на работењето и за потребите на пациентите. Во Кочани донацијата ја предадоа техничкиот директор на компанијата Гоце Цветкоски и Александар Мојсовски, менаџер на погонот за одржување.
„Искрено се надеваме дека на овој начин ќе успееме да придонесеме за подобрување на состојбите, за сите граѓани кои имаат потреба од здравствена услуга да добијат соодветен третман. Ние сите заедно мора да придонесеме за подобрување на состојбите во нашето општество и да обезбедиме поддршка онаму каде што е најпотребна. Ќе продолжиме во таа насока и во иднина„, истакна Цветковски.
Покрај оваа донација, на болницата во Кочани ѝ беше дониран и респиратор, кој беше обезбеден од донации од вработените на компанијата, а беше реализирана и донација за болницата во Штип.
Македонија
Исплатите од ИПАРД програмата привремено прекинати поради проверка на законитоста
Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој, соопшти Министерството за финансии.
Оттука објаснија дека одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството.
Во моментот Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.
Се додава дека Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.
Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски во текот на денот на прес-конференција изјави дека одлуката за суспендирање стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија, како што појасни, опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици. Причината, како што вели, е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство.
Попладнево министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, изјави дека Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата и додаде дека ќе продолжи борбата против корупцијата Тој појасни дека веднаш по акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, се преземени дополнителни активности за целосна проверка на работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат мерки за унапредување на контролните механизми, особено во делот на исплатата на ИПАРД средствата,“ додаде Трипуновски.
Министерот најави дека набрзо ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
Македонија
Трипуновски: Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата, борбата против корупцијата продолжува
Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои што сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која ја водиме во моментов и дополнителните проверки што ги спроведуваме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се силно пофалени од страна на Брисел, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Тој појасни дека веднаш по акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, се преземени дополнителни активности за целосна проверка на работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат мерки за унапредување на контролните механизми, особено во делот на исплатата на ИПАРД средствата,“ додаде Трипуновски.
Министерот најави дека во краток рок ќе биде назначен нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи без застој.
„Ние како држава сме решени доследно да ја спроведеме борбата против корупцијата,“ нагласи министерот Трипуновски.

