Македонија
(Видео) „Како со лекарска плата Венко стигна до луксузно пловење“, прашува Лефков
„Чија е јахтата на која уживаат Филипче и Заев и со чии пари е платена, како со лекарска плата Венко стигна до луксузно пловење? Додека СДС секојдневно сее лаги, измислици и зборува за сиромаштија, нивниот претседател Филипче, со нивниот поранешен претседател Заев, плови по Егејското море во луксузна јахта вредна милиони“, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека СДС секојдневно сее лаги како лошо се живее, нивниот Венко Филипче ужива и очигледно го нема проблемот за кој зборува неговата партија на прес-конференции. Напротив живее живот кој лекари од неговата професија од многу поразвиени држави не можат да го живеат.
Венко Филипче треба да одговори како со лекарска плата стигна до луксузно пловење на јахта? Но и по скапи ресторани, пред кои медиумите пишуваат дека бил фотографиран?
Венко Филипче треба да одговори чија е јахтата на која плови тој и Заев, дали е негова, на неговиот поранешен шеф или на фирми поврзани со нив?
Доколку јахатата е на него или на Заев колку чини истата и на кој начин е купена?
Дали оваа јахта е купена со пари од тендери или фирми поврзани со тендери, како главни или подизведувачи?
Очекуваме одговори од СДС и Венко Филипче, а секако и од ЈО, ако главниот обвинител Коцевски смее воопшто да отвори постапка или ќе спие до избори“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.
Македонија
Граѓаните им удрија шамар на криминогените политичари, велат од Зелен хуман град
На локалните избори, граѓаните јасно и недвосмислено им покажаа на актуелните и владејачки и опозициски криминогени политичари и нивното коруптивно функционирање дека се непожелни во оваа држава, како и дека им е смачено од истите националистички наративи, истите празни ветувања и истата токсична политичка пропаганда која е сеприсутна во јавниот дискурс истакнуваат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Според нив, во првиот круг на локалните избори била забележана, како што велат, најниска излезност од независноста на Македонија.
„Првпат под 50%, во четири општини не беше исполнет ни цензусот да гласаат минимум една третина од избирачите поради што изборите за градоначалник ќе се повторат, имаше рекордни речиси 54.000 неважечки гласачки ливчиња за градоначалници и над 50.000 неважечки ливчиња за членови на советите. Во вториот круг на изборите беше забележана историски најниска излезност од само 40%, а за градоначалник на Град Скопје гласале едвај 35% од граѓаните. Повторно беше забележан и голем број на неважечки ливчиња“.
Како што оценуваат, таквите изборни факти не се апатија, туку се протест.
„Вакви изборни резултати укажуваат дека освен партиските приврзаници кои гласаат затоа што се дел од овој партиско-капиталистички систем во кој државните институции се целосно картелизирани и ставени во служба на големите партии и имаат личен интерес да гласаат (поради хонорар, вработување, тендери и слично), огромен број на граѓани сметаат дека во моментот не постои политичка опција која го заслужува нивниот глас. Но, како би можела да постои, доколку самите граѓани не ја создадат?
Појаснуваат дека тие почнле како граѓанска иницијатива со намера не само нивното делување туку и нивната форма, како што велат, да бидат контратежа на големите партии.
„Нашето постоење ја разоткри вистината дека вистинската промена не доаѓа од тие што го создадоа системот, туку од луѓето кои имаат храброст да му се спротивстават. Ја согледаа заканата која им ја претставуваме и стануваат сѐ подрски во методите на задушување на граѓанскиот глас. Принудени сме да се приспособиме за да останеме во борбата!
Затоа ве повикуваме сите вас кои сте незадоволни од актуелната состојба во Македонија – од енормниот степен на загадување, екстремната суровост кон бездомните животни, нефункционалните институции кои служат единствено за партиски потреби, а не за потребите на граѓаните, партиската узурпација на секој јавен ресурс и од многу други неправилности – да ни се придружите во Зелен хуман град.
Дај го својот потпис за да формираме партија со која ќе можеме непречено и заеднички да се бориме за позелено и похумано општество“.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне
Времето утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.

