Македонија
(Видео) Ковачевски им ја отстапи владината сала на младите: Заедно креираме политики за развој
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја отстапи Владата на младите со учество на завршна активност „Младите ја преземаат Владата“, дел од регионалната младинска конференција #ThinkForward: YOUth Action NOW!, организирана од Делегацијата на ЕУ како дел од програмата Европска година на младите.
Настанот на кој младите известувачи ги презентираа нивните согледувања на неколку клучни теми со поздравен говор ја отвори амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
Пред премиерот Ковачевски и членовите на Владата на темата за регионална соработка и помирување говореше Бленди Ходаи, за менталното здравје на младите говореше Мимоза Серафимовска, а за климатските промени и зелениот одговор на ЕУ, Марија Бургиева. Тие укажаа на неопходноста да се чуе нивниот глас и потребата да бидат поинтегрирани во донесувањето одлуки во институциите.
Во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски ги повика и охрабри младите луѓе да преземаат акции и да ги реализираат своите идеи, а Владата ќе настојува да создаде најповолна клима за остварување на нивните амбиции вклучувајќи го и брзото реализирање на процесите за интеграција во ЕУ каде што припаѓа нивната иднина.
„Задоволство ми е и што можам да ги чујам сите мислења на исклучително важни теми, кои ги засегаат не само младите, туку и возрасните, како и идните генерации. Драго ми е што се согласуваме околу тезата дека вистинските лидери не носат одлуки што го засегаат нивниот резултат на следните избори, туку одлуки коишто ја засегаат и подобрата иднина на идните генерации“, истакна Ковачевски.
Тој ја изрази својата почит кон придонесот на сите млади луѓе, споменувајќи ја нивната храброст, иновативност, свежи претприемнички идеи, преку кои успеаја да ги воведат новите индустрии во нашата држава коишто влијаеjа на економскиот раст.

Премиерот Ковачевски укажа и на позитивните аспекти на соработката на младите со нивните врсници од регионот укажувајќи на извонредните можности што произлегуваат од активностите на Регионалниот совет за соработка во рамките на Берлинскиот процес, како и од можностите што ги нуди иницијативата Отворен Балкан за регионална интеграција која ни е потребна за зголемување на трговијата, за размена на знаења и на образование.
Во дискусијата, во која учествуваа и Бојан Маричиќ, заменик-претседател на Владата за европски прашања, Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Насер Нуредини министер за животна средина и просторно планирање, Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство, Љуљзим Алиу, заменик-министер за образование и наука, Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи и Роберт Алаѓозовски национален координатор за интеркултурализам, едно општество, беше заеднички оценето дека оваа активност има за цел да ја олесни директната дискусија меѓу младите луѓе и владините претставници и дека вратите на институциите секогаш ќе им бидат отворени за нивните иницијативи за креирање на добри, квалитетни политики за млади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

