Македонија
(Видео) Ковачевски на отворањето на Глобсек 2022 за проширување на безбедносниот круг на Европа
Со присуството на официјалното отворање на конференцијата Глобсек 2022 почна учеството на претседателот на Владата Димитар Ковачевски на еден од најважните меѓународни форуми за безбедност што се одржува во Братислава во Република Словачка.
Конференцијата оваа година, во присуство на шефови на држави и влади од Европа и светот и со учество на претставници на најзначајните и највлијателни меѓународни организации и тинк-тенк организации, ја отворија претседателката на Република Словачка Сузана-Чапутова, претседателот на Република Украина Владимир Зеленски со видео обраќање, и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во обраќањата на отворањето на Форумот уште на самиот почеток преку обраќањата на претседателката на Словачка Чапутова, на Европската комисија Фон дер Лајен, ги поставија суштинските прашања на темата за безбедносните прашања за иднината и за можните перспективи на Европа, додека, пак, претседателот на Украина, Владимир Зеленски, потсети колку е важно европското единство и отпорот на целиот демократски свет кон воената агресија на Руската Федерација.
Форумот Глобсек 2022 Братислава оваа година е фокусиран на поддршката за Украина и за поширокото европско соседство за вклучување во безбедносниот круг на Европа, и на поддршката на зајакнувањето на отпорноста на земјите поединечно, како и на глобалните коалиции за спротивставување на агресијата на авторитарните држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.
Македонија
Општина Битола објави Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести
Општина Битола објавува Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести за патни трошоци до болница надвор од Битола и нивни потреби, односно финансиска поддршка на лица со ретки болести кои што се наоѓаат во незавидна положба за надминување на истата, соопштија од Општината.
Критериумите и условите како и потребните документи кои едно лице треба да ги исполнува и достави за искористување на средства од Програма за социјална заштита на Општина Битола во делот на финансиска поддршка на лица со ретки болести се на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/lica-so-retki-bolesti/
Периодот на пријавување е отворен во текот на цела година до целосно искористување на средствата при што исплата ќе се врши два пати годишно, јули и декември, а едно лице има право на искористување на средства еднаш во текот на годината, до максимален износ од 30.000,00 денари бруто износ од лице во зависност од потребите за лекување надвор од Битола.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.

