Македонија
(Видео) Ковачевски: Предвремени избори ќе ги продлабочат проблемите, го затвораме ова прашање
Предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните туку ќе ги продлабочат затоа го затвораме ова прашање, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по средбата со коалициските партнери.
Владејачката коалиција со декларација го реафирмираше ставот дека следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин, односно во 2024 година.
„Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР“, рече Ковачевски.
Во однос на најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека ако нема договор за предвремени избори до крајот на летото ќе го блокираат системот, Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања рече дека уцени не прифаќа.
„Тие ги блокира општините откако станаа градоначалници. Во сите градови по првичното фотографирање каде беа промовирани претходни проекти на СДСМ веќе нема ни фотографирање, бидејќи не постојат нови проекти“, рече Ковачевски.
За најавите за блокадатите во Собранието, како што рече, секој може да блокира, но тоа не е одговорно. Апелираше до пратениците на опозицијата да бидат на ниво на задачата бидејќи законите се од интерес на граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ е единствена неодговорна опозиција во цела Европа која што наместо да низ дијалог во Собранието и во собраниските комисии каде што и е местото за носење и унапредување на законските решенија, единствено што прави е блокирање на законите кои што се од интерес на граѓаните и компаниите.“ рече Ковачевски.
Прашан како ќе функционира државата во време на криза со оглед на несогласувањата со опозицијата, Ковачевски одговори: „Државата ќе функционира како до сега“ и обраложи дека и досега се носат антикризни мерки кои даваат резултати.
„Владата во време на корона кризата донесе мерки во износ од 1,2 милијарди евра, пакети антикризни мерки. Јас бев тој кој тие антикризни мерки ги предлагаше како заменик-министер за финансии во Собранието. Овде има претседатели на партии кои се пратеници на Собранието и тие добро знаат дека јас таму бев деноноќно . И тогаш имаше блокади и тогаш кога се носеше пакетот антикризни мерки пратениците на опозицијата излегуваа надвор, гледаа дали има доволно пратеници од власта без да мислат на граѓаните. Уште минатата година донесовме мерки кои се однесуваа на намалување на ДДВ-то на електрична енергија и тие ги донесовме“, изјави Ковачевски.
Премиерот истакна дека и оваа година во март Владата донесе 26 антикризни мерки за справување со енергетската криза и кризата со зголемување на цените на енергенсите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зголемена опасност од лавини на Шар Планина: Националниот парк со предупредување, посетителите да постапуваат претпазливо
Националниот парк Шар Планина информира дека на територијата на паркот во моментов е присутна висока лавинска опасност, особено во деловите од планината кои се наоѓаат на надморска височина над 1700 метри.
Зголемената лавинска опасност, како што појаснуваат, е резултат на специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ја температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите неколку денови.
„Овие фактори, во комбинација со рељефните карактеристики на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и појава на лавини.
По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк Шар Планина излезе на терен и изврши увид на локацијата каде што е потечена лавина. Претходно, екипа на операторот „Ескимо спорт“ извршила пребарување на лавинскиот терен со употреба на лавински уреди, при што е констатирано дека во лавината нема затрупани лица кои со себе поседуваат лавински уреди, а до овој момент нема пријави за исчезнати лица. За среќа, настанот поминал без човечки жртви.
Паралелно со теренскиот увид, беше спроведена и експертска анализа на стабилноста на снежната покривка од страна на стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам. Согласно извршената проценка, утврден е висок степен на лавинска опасност – степен 4, според европската скала за оценување на лавинскиот ризик (5 – многу висок, 4 – висок, 3 – значителен, 2 – умерен, 1 – низок).
Националниот парк Шар Планина ги предупредува сите посетители да постапуваат со зголемена претпазливост, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, како и да не се движат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, се апелира посетителите навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.
Стручните служби на Националниот парк Шар Планина, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, континуирано ќе ја следат состојбата на терен и навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени поврзани со лавинската опасност.
Потсетуваме дека зимските убавини на Шар Планина претставуваат исклучителна природна атракција, но истовремено бараат високо ниво на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните принципи и правилата за движење во заштитено подрачје. Дополнително, важно е да се нагласи дека лавинската опасност е тешко предвидлива појава, која бара значителна експертиза и внимателна проценка на теренските и временските услови.
Националниот парк Шар Планина апелира до сите посетители личната безбедност да ја стават на прво место и да придонесат кон безбедно, одговорно и одржливо користење на планината.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Започна темелна трансформација на просторот на потегот во Градски ѕид
Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до ул. „Македонија“.

Во рамки на активностите, се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“. На истата локација ќе биде поставен нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога.

Веднаш до него се планира и поставување модерна фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација.

„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

На целиот потег ќе се изврши целосно поплочување. Дотраените и искршени плочи се отстрануваат, се поставуваат нови рабници, како и нов кош на местото на постојниот. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел решавање на проблемот со протекување.

Со проектот е опфатено темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот ќе добие функција на мини урбан парк.

Овој дел од Градски Ѕид е исклучително фреквентен, а уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани, создавајќи зелена и функционална зона што ќе го поврзува Зелено пазарче со деловниот и станбениот дел на општината, велат од Центар.

Македонија
Стефковски: Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари за Скопски саем
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се обрати до граѓаните, а по повод пресудата на Апелациониот суд во Скопје за враќање на 127 милиони денари за Скопски саем.
„Од првиот ден кога ми ја дадовте довербата да ја водам Општина Гази Баба, јавно се обврзав на транспарентно, отчетно и одговорно работење. Мојот однос кон Вас, кон народот секогаш бил искрен, директен и отворен, без прикривање на проблемите, колку и да се тешки. За жал, по повеќе од шест години, денес се соочуваме со сериозен и тежок предизвик, кој е директна последица на неодговорното и недомаќинско работење на претходното раководство на општината.
Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд.
Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште.
Наместо, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд.
По повеќегодишна судска постапка, на 30.10.2025 година Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да им ги врати уплатените средства на тужителите, заедно со законска казнена камата пресметана од денот на поднесување на тужбата – 27.10.2020 година во вкупен износ од 127.000.000 денари.
Оваа пресуда е јасен и недвосмислен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година, во Општина Гази Баба се работело неодговорно, без визија, без грижа за јавниот интерес и без почит кон законите. Наместо во 2020 година да бидат вратени уплатените 73.460.330 денари, денес во 2026 година општината е должна да врати 127.000.000 денари.
Се работи за сериозен финансиски и институционален предизвик, кој со право предизвикува загриженост кај мене. Но сакам јасно да порачам: граѓаните да бидат спокојни.
Со одговорна, чесна и посветена работа, со домаќинско управување и со целосна транспарентност, овој проблем ќе го надминеме. Општина Гази Баба ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на граѓаните.
Истовремено, за ваквата состојба ќе ги информираме сите надлежни институции, со цел да се разгледа можноста за утврдување на одговорност, согласно важечките закони во Република Македонија.
Правдата, одговорноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат основа на секое работење. Тоа Ви го должиме на Вас – граѓаните“, се наведува во обраќањето на градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.

