Македонија
(Видео) Ковачевски: Реновираниот оддел за магнетна резонанца е влог во поефикасен здравствен систем за сите граѓани
Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за здравство Беким Сали, директорот на ГОБ „8 Септември“ Христијан Костов и амбасадорот на Италија во земјата Андреа Силвестри, ја посети Градската општа болница „8 Септември“ по повод нов дијагностички центар опремен со нови апарати за томографска магнетна резонанца со што се зголемува дијагностичката точност.
„Ниту во време на најголемата здравственa и економската криза не запревме со вложувањето во квалитетна услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници. Овие два апарати и реновираниот оддел се уште едно од серијата вложувања во подобар и поефикасен здравствен систем за сите наши граѓани. Болницата ‘8 Септември’ со двата нови апарати ќе го зголеми капацитетот на снимање за 50%, односно за плус 15 пациенти дневно, што е голема предност за брза, навремена дијагностика на тешко болните пациенти. Апаратите се набавени во рамки на Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор, во соработка со Амбасадата на Република Италија, за што изразувам посебна благодарност уште еднаш до италијанскиот народ, Република Италија, како и до амбасадорот Силвестри за неговата заложба околу целата реализација на овој проект”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека реформите и инвестициите во здравството се еден од најголемите приоритети на Владата предводена од СДСМ.
„Го вративме достоинството на лекарите во изминатите 5 години основната плата на лекар специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари за 25% и 15% на останатите здравствени соработници. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници, а некои типови на дежурства се зголемени за два до три пати во текот на викенд. Вложуваме во медицинска опрема подеднакво застапена во сите региони, досега се набавени најсовремени 7 магнетни резонанци, 7 компјутерски томографии и 3 ангиографии за прецизна дијагностика на пациентите. Направивме посебен сет антикризни мерки за болниците и училиштата. Сега овозможуваме снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија преку продажба од ЕСМ по далеку поповолна цена од пазарните цени”, истакна Ковачевски.
Во ковид-кризата лекарите и здравствените работници имаа деноноќни битки и не знаеја за одмор и оддишка. Оваа сега е наша битка. Јас како човек и цела Влада деноноќно сме исправени и со сите сили се бориме со предизвиците кои што се пред нас, а моја, и наша обврска е да овозможиме граѓаните да ја пребродат оваа кризата и овој тежок период, изјави Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

