Македонија
(Видео) Ковачевски: Тези за светски заговори не ѝ одат во прилог на државата и потсетуваат на минати времиња
Во една држава, која има стратешко партнерство со САД, која е земја членка на НАТО, пласирање тези дека постои светски заговор во ниту еден случај не им оди во прилог ниту на граѓаните ниту на државата, освен во политичка кариера на оној што го кажува тоа. Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11 години на претходниот претседател, се подгреваат чувствата на граѓаните на таков начин и после тоа, се покажам дека не е така, рече во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
„Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11 години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некој светски заговор против нас, тоа што го слушнав беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија. Такво нешто слушавме и во минатото, се подгреваат чувствата на граѓаните на таков начин, цело време граѓаните беа плашени дека постои некаков супер непријател кон нас Македонците. После тоа, се уверивме дека не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сите гледаме колку е значајно што сме земја членка на НАТО во време кога се води воен конфликт во Европа. Покрај сите хистерии и лажни обвинувања дека ќе настанеле бугаризација, асимилација, губење на јазикот, идентитетот итн., ние ги почнавме преговорите со ЕУ со заштитен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет, со признаен јазик и идентитет преку резолуции на германскиот Бундестаг, она што следува во американскиот Конгрес, преку изјави на сите највисоки раководители од Европа, тука во нашиот парламент за значењето на македонската култура, историја, идентитет итн.
Затоа сметам дека една држава, која има стратешко партнерство со САД, која е земја членка на НАТО, пласирање тези дека постои светски заговор, во ниту еден случај не им оди во прилог ни на граѓаните ни на државата, освен во политичката кариера на оној што го кажува тоа. Бидејќи историјата потврдила дека неносењето одлуки единствено може да ве остави во чекалницата. Тие самите кажуваа дека ќе чекаат. 11 години видовме што донесе чекањето. Во 2008 година ние имавме решение со Грција, кое тогашната влада не го прифати, по 11 години, добивме решение што беше полошо од тоа во 2008 година.
Сега имаме чиста преговарачка рамка, се преговара на македонски јазик, се преведува законодавството на ЕУ на македонски јазик и сега е моментот кога постои заеднички интерес и од страна на САД и ЕУ за продолжување на европската интеграција и до 2030 година Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Која е алтернативата? Не постои. Немате алтернатива или опција што би се правело.
Ние заедно со Хрватска почнавме, нашето интегрирање во ЕУ и поради неносење одлуки, Хрватска стана членка на ЕУ, има шенген, воведе евро, а ние сè уште зборуваме за отворање поглавја и кластери. Ние не смееме да дозволиме Албанија, Србија и Црна Гора да отидат пред нас бидејќи во тој случај остануваме со БиХ и со Косово. Не сакаме да бидеме во тоа друштво, тоа се две држави, кои сè уште не ги решиле своите основни прашања на уредување на државите. Јас не сакам нашите деца, државата на нашите деца, да се најде во такво друштво во поглед на регионалните и европските интеграции. Сега е време да се донесат одлуките, имаме поддршка и од страна на ЕУ и особено на САД. И во таа насока е и посетата на Габриел Ескобар, на регионот, на Северна Македонија. Јас ќе имам разговор со него, тој е исклучително информиран човек и ќе разговараме токму за национални, билатерални и за регионални прашања од интерес на Северна Македонија“, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Дубаи се обрати на Глобалниот форум за владини регулативи и правда
Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите.
Македонија
Пушењето најголем ризик фактор за рак на бели дробови, значајно придонесува и кај други видови рак
По повод Светскиот ден за борба против ракот, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје потсетуваат дека пушењето претставува ризик фактор за малигни заболувања, а посебно за рак на бели дробови.
Според податоците на Институтот за јавно здравје водечка причина за смрт во државава во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхиите и белите дробови.
- Употребата на тутун е водечка причина за рак кој може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број на починати лица од малигни неоплазми на бронхии и бели дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем, во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и квалитетот на животот, и токму на Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Покрај употребата на тутун, други ризик фактори за малигни заболувања се и прекумерна дебелина, употреба на алкохол, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст.
Македонија
По заканите кон новинарот Видиновски, Обвинителството оформи предмет
Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и испитување на кривична одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија – Александар Видиновски.
Коментарите биле објавени под видео прилог на новинарот кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост.
Имајќи во вид дека во конкретниов случај станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејствија за испитување на индициите за евентуално постоење на елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.

