Македонија
(Видео) Ковачевски – Фон дер Лајен: Северна Македонија направи многу на патот кон ЕУ и заслужува членство
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска е во официјална посета на земјата, одржаа тет-а-тет средба по која се одржа билатерална средба помеѓу двете делегации.
На средбата, на која присуствуваа и Артан Груби – прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедницата, Бојан Маричиќ – заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина и просторно планирање, и Азир Алиу – министер за информатичко општество, се разговараше за повеќе прашања поврзани со европските интеграции на Северна Македонија.

Претседателката Фон Дер Лајен посочи дека Северна Македонија успешно се движи напред по европскиот пат и дека земјата не смее да се откаже од просперитетна иднина. Таа порача дека европскиот народ многу позитивно гледа на Северна Македонија. Во таа насока беше истакнато дека Унијата внимателно го следи патот на земјата, како и одлучноста за членство во ЕУ. Фон дер Лајен на средбата со Ковачевски потенцира дека Северна Македонија направи многу на патот кон ЕУ и заслужува членство и оттука нејзината лична силна поддршка и соработка со премиерот и Владата, кои носат одлучни политики и не отстапуваат од евроинтеграциите на Северна Македонија.
На средбата беше разговарано за процесот на скрининг, кој се одвива добро и е во крајна фаза, за инвестициската поддршка на Европската Унија во нашата земја, како и за актуелните политички предизвици во државата. Уставните измени беа оценети како процес што не е едноставен, но кој понатаму ќе овозможи непречен пат кон членството во ЕУ. Земјата бргу напредува, особено во изминатите неколку години, за што претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, посочи дека е одличен индикатор за што побрзо членство на Северна Македонија во ЕУ.
Што се однесува до планот за раст за Западен Балкан, беше истакнато дека тој план сигнализира позитивна иднина за Северна Македонија, ќе доведе до нови економски можности за земјата и е наменет да обезбеди дополнителен поттик за евроинтеграциите на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан.
Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека Северна Македонија треба да го искористи моментот и да се фокусира на реформскиот процес имајќи предвид дека динамиката на проширување ќе зависи од брзината со која земјите работат на европеизација на општествата. Северна Македонија, со веќе 50 % усогласено законодавство со ЕУ, има најголем успех на доближување со европското законодавство од сите земји во регионот.
На средбата заеднички беше констатирано дека Европската Унија е најсилниот поддржувач на Северна Македонија на патот кон евроинтеграциите, поддршка што никогаш не губи интензитет, туку постојано се засилува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

