Македонија
(Видео) Ковачевски-Шидер: СДСМ има јасен план за продолжување на европскиот пат, ЕУ е нашата единствена алтернатива
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска одржа средба со европратеникот и носител на листа на социјалдемократите во Австрија за изборите во ЕУ,Андреас Шидер, на која што присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ и пратеничката од СДСМ, Санела Шкриељ.
На средбата се разговараше за претстојните избори, за состојбата во државата кога СДСМ ја презема власта, за тоа што СДСМ како партија која ја преводи Владата, успеа да го реализира изминативе седум години, но и за плановите за понатаму.
Ковачевски на средбата посочи дека на претстојните избори пред граѓаните се два концепта. Едниот концепт на СДСМ и Коалицијата за европска иднина кој значи прогрес и нтеграција на државата, подобар животен стандард, подобри и поголеми плати и пензии за сите граѓани, економски развој, безбедност и стабилност, кој всушност преставува продолжување на политиките што СДСМ ги спроведува во изминатите седум години. Другиот концепт е сосема спротивен пат која ја носи државата во безнадежност и изолација
На средбата со европратеникот Шидер, знаеднички беше ставот, дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и мора да го продолжи европскиот пат, тоа е единствената алтернатива и можност која носи позитивни промени за дравата.
Европратеникот Шидер, изрази поддршка за СДСМ за претстојните избори, како прогресивна партија која има јасен и конкретен план за остварување на стратешките цели кои се од инетерс за граѓаните и државата.
Ковачевски на средбата, посочи дека Владата предводена од СДСМ покажа јасна посветеност и донесе тешки и храбри одлуки, кои резултираа позитивно врз државата. Северна Македонија стана членка на НАТО, по 17 години чекање се отворија пристапните преговори со Европската Унија, а паралелно се затворија речиси сите отворени прашања со нашите соседи.
Воедно, потенцираше стратешките одлуки се носеа и во време на две тешки кризи – ковид пандемијата, енергетската криза, војната во Украина. Во тој контекст, Ковачевски посочи дека дека благодарение на правилните политики и мерки на Владата предводена од СДСМ, се заштити животниот стандард на граѓаните, се зголемија платите и пензиите, успешно се изменаџира снабдувањето на струја и парно, се намали невработеноста, се зголемија инвестициите.
Во однос на програма на СДСМ за претстојните избори, Ковачевски потенцираше дека таа преставува продолжение на сите позитивни резултати што досега се постигнаа и се заснова на 7 столба: Нова економска енергија за европски раст и стандард,Добро управување-подобар и праведен систем за сите, Грижа за сите, Европски квалитет на живот, Безбедна Македонија,Македонија во ЕУ до 2023, Млади-столбот на иднината.
Ковачевски на средбата посочи дека доколку СДСМ ја формира новата Влада, приоритет ќе биде продолжување на патот кон ЕУ, исполнување на целите од програмата кои значат подобар европски животен стандард за граѓаните, економски развој, унапредување на демократијата, слободите, социјалната вклученост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП со апел за внимателно возење за Водици и продолжениот викенд
Со оглед на продолжениот викенд и претстојниот голем верски празник Богојавление – Водици, се очекува зголемување на интензитетот на сообраќајот, особено на патните правци кои водат кон туристичките места каде традиционално се одбележува празникот.
Поради зголемената фреквенција на возила, како и можните неповолни временски услови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот да постапуваат одговорно и совесно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата и заштита на човечките животи.
РСБСП потсетува на потребата од:
· почитување на сообраќајните правила и прописи,
· прилагодување на брзината на движење според состојбата на патиштата и временските услови,
· да не се управува со возило под дејство на алкохол или други психотропни супстанции,
· навремено информирање за состојбата на патиштата и временската прогноза пред и за време на патувањето,
· соодветна подготовка на возилата за патување на зимски услови и задолжително поседување на пропишана зимска опрема во возилата
· зголемена внимателност кон пешаците, велосипедистите и другите ранливи групи на учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Со одговорно однесување, почитување на правилата и прописите, меѓусебна толеранција, секој од нас може да придонесе за побезбедни патишта и зачувување на човечки животи.
РСБСП посакува среќни празници и безбедно учество во сообраќајот.
„Празнувај одговорно, пристигни безбедно – секој живот е важен.“
Македонија
Ѓорге Иванов се обрати на Меѓународен симпозиум во британскиот Парламент
Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународниот симпозиум за културна дипломатија во организација на Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Настанот се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство во периодот од 12-15 јануари 2026 година.
За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство.
Иванов се обрати на сесијата „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“ (Cultural Diplomacy in Contemporary International Relations), при што се осврна на историското значење на 1776 година како година на раѓање на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит. Тој истакна дека слободата не е трајно освоена придобивка, туку одговорност која бара постојана грижа, институционална доверба и активна вклученост на граѓаните. Економската слобода, нагласи Иванов, мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на животот на луѓето, а не кон продлабочување на нееднаквостите. Во таа насока, тој посочи дека моралната и културната димензија на слободата се неопходни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има незаменлива улога во градењето дијалог, доверба и меѓусебно разбирање во време на глобални поделби. Според него, токму преку културата, малите и средни држави како Република Македонија можат да ја засилат својата меѓународна видливост, да ја раскажат сопствената приказна и да обезбедат почит во меѓународната заедница.
Во рамките на форумот, Иванов учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“ (Finance, Resilience and Leadership in Governing Modern Economies).
На настанот учествуваа бројни истакнати меѓународни претставници и членови на двата дома на парламенот на Обединетот Кралство меѓу кои: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН (UNAOC); Баронесата Манзила Удин, членка на Домот на лордовите на Обединетото Кралство; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; Сенаторката Шери Рехман, поранешна министерка за климатски промени на Пакистан; Нихал Саад, директор на UNAOC; Ив Летерм, поранешен премиер на Белгија; Томас Хендрик Илвес, поранешен претседател на Естонија; Алфред Гузенбауер, поранешен канцелар на Австрија; Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан; Мохамад Штаје, поранешен премиер на Палестина; Наталија Гаврилица, поранешна премиерка на Молдавија и Младен Иваниќ, поранешен претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина.
Македонија
„Запирање на имигрантските визи од САД – стратешки шамар за домашните вазали“, велат од Левица
„Политиката на едностраното „Стратешкото партнерство“, интерпретирано преку вазалски однос кон САД, резултираше со нов шамар за слугите на империјата, реализиран преку запирање на постапката за имигрантски визи кон Македонија“, велат од Левица.
„Илузијата создавана пред граѓаните, за уживање на некаква поддршка кај т.н „стратешки партнер“, наиде на уште еден удар со суровата реалност. Најголем успех во надворешната политика на политичарите на власт, а и Владата во целост остана фотографиите од трибини или со политичари од шести ешалон на САД, кои немаат никакво влијание на односите помеѓу двете земји.
Потсетуваме дека на оваа одлука на американската администрација и претходеше воведувањето трговски маржи и царини за Македонија, по што во немоќ и коленичење, Владата на Мицкоски донесе одлука за целосно укинување на царините кон САД.
Отстапувањето од децениските позиции на државата, проследени со гласањето против укинувањето на санкциите кон Куба, поддршката на американските резолуции за Украина и поддршка на империјалистичките апетити и интервенции, како последната во Венецуела, само го руши угледот и ги загрозува позициите на Македонија во надворешната политика, без притоа да има апсолутно никаков импакт.
Мицкоски и Муцунски не можат да научат дека вазалскиот однос кон САД не е и не може да биде „стратешко партнерство“.
Ова уште еднаш докажа дека кусогледоста на власта и дипломатскиот аматеризам ја воведоа Македонија во стратешки ќор сокак. Алтернативи за развој на државата надвор од уздите на западниот неоимперијализам постојат. Но, за тоа е потребна промена на надворешно-политичкиот курс и отворање кон перспективите што ги нуди остатокот од светот, политика за која актуелната власт очигледно нема капацитети“, соопштуваат од Левица.

