Македонија
(Видео) Ковачки до Пендаровски: Оставка веднаш!
„Во текот на вчерашниот ден целата македонска јавност беше сведок на гнилоста на системот воден од ДУИ и СДС. Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски со години ги злоупотребуваат трагичните судбини на болните од цистична фиброза ветувајќи им лек, се фотографираа со нив, ги користеа за себепромоција и на крајот ги оставија без нужниот медицински третман, резултат е починат наш сограѓанин кому Стево Пендаровски лично му ветуваше помош“, рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Ковачки посочи дека „по неколку години чекање за набавка на лекот и организирање протести со молење за помош за спас, власта остана слепа на реалноста и со игнорантскиот однос уште еднаш докажа дека е глува на барањата на своите граѓани.
„Големата желба за лична промоција, како и отсуството на одговорност кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, не им помогна на луѓето што бараа негова помош иако им ја вети. Токму на примерот на односот на власта и на носителите на највисоките државни функции кон одделни граѓани се гледа колку е распаднат системот и колку тој не функционира. Оваа Влада, само за оваа година, ќе потроши 5,3 милијарди евра и секојдневно се задолжува за да се луксузира со нови возила, скапи гозби во ресторани, а нема ниту желба ниту се способни да набават лек што е достапен во сите држави, освен во Македонија и Косово“, порача Ковачки.
„Оставки и одговорност. Стево Пендаровски, биди доблестен и поднеси оставка веднаш“, порача тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.
Македонија
650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 650 прекршоци, извести МВР.
Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 36 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 590 прекршоци, а за нерегистрирани возила 24 прекршоци. При тоа изречени се вкупно 61 забрани за управување на моторно возило, информираше Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за безбеден сообраќај на територијата на целата држава“, соопшти МВР.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Дубаи се обрати на Глобалниот форум за владини регулативи и правда
Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите.

