Македонија
(Видео) Ковачки: Припадниците на единицата „Тигар“ се користат во политички цели
Македонската јавност треба да знае дека од страна на министерот Оливер Спасовски, директорот на БЈБ и помошник- директорот во одделот за криминалистичка полиција, Оливер Лукароски, се врши класична злоупотреба на специјалната единица на МВР – „Тигар“ во партиски цели, обвини денеска Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Деновиве гледаме енормно и несразмерно присуство на полицијата и на нејзините специјални единици во градовите во кои има втор круг избори. Под плаштот на наводни акции за апсење дилери на дрога или опасни лица, Спасовски прави класична злоупотреба на специјалните единици и шири страв кај народот“, посочи Ковачки, кој додаде дека специјалната единица „Тигар“ е наменета за борба против терористички активности, а не за спроведување и штитење на, како што рече, партиските активности на Заев и Спасовски.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ побара безбедносните служби да работат во интерес на граѓаните и порача дека секоја злоупотреба ќе биде процесирана веднаш по промената на власта.
„Немојте да си играте и да одите по паметот на давениците Заев и Спасовски. Знаеме дека некои од вас се уценети со вашите позиции, но и со прикривање дејства од страна на Спасовски за кои сте лично одговорни. Ги повикуваме чесните полициски службеници да постапуваат во согласност со законските овластувања. Знаеме дека морате да спроведувате наредби од вашите претпоставени, но верувајте дека одговорност за тие раководни структури што прават злоупотреби ќе има веднаш по промената на власта“, порача Ковачки, кој го повика народот масовно и референдумски да излезе на изборите в недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.

