Македонија
(Видео) Костадинов:Ревизорот потврди како функционирала ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски да каже што му должи на Груевски?
Овој Извештај на Државниот завод за ревизија е уште доказ за тоа како функционирала ВМРО-ДПМНЕ и внатре, во работата на самата партија.
Во Извештајот за 2017-та година Државниот завод за ревизија констатира дека ВМРО-ДПМНЕ не ги прикажала реално податоците во финансиските извештаи, обвини Костадин Костадинов од СДСМ и коалицијата.
„Нотирано е дека ВМРО-ДПМНЕ поседувала дури три сметки што е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Додека граѓаните се бореа со долгови и сиромаштија што им ја наметна токму ВМРО-ДПМНЕ, партијата потрошила 386.000 евра за изработка на над 200 уметнички слики, но притоа нема фактури што ќе докажат каде завршиле тие пари. Како одговорно лице за работењето е посочен Никола Груевски“ изјави Костадинов.
Тој нагласи дека и за финасискиот извештај за изборите во 2016 година, ревизорот изразил негативно мислење. Поради немањето соодветна документација за сите приходи и расходи за изборната кампања.
„Христијан Мицкоски, наследникот на Никола Груевски и негов советник токму во тој период, досега ниту еднаш не се огради од криминалните политики на неговиот претходник. Мицковски не се извини на граѓаните за пустошот во економијата, за нивното 11 годишно осиромашување, за поделбите и кризите кои како наследство им ги остави ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е, Мицкоски, некогашниот советник на Груевски, нема капацитет вистински да ја рефомира партијата и да ја надмине матрицата на Никола Груевски“ обвини Костадинов.
Со таквото однесување, според него, ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на криминалот на Груевски и фамилијата наместо да понуди реални политики во интерес на граѓаните и да се вклучи во реформскиот процес.
Христијан Мицковски треба да излезе пред јавноста и да одговори дали и што му должи на Никола Груевски?
Граѓаните ја поразија ерата на Груевизмот, кажаа не на лошото владеење и избраа развој, просперитет, слобода, демократија, избраа европска иднина и подобар живот за сите, додаде Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

