Македонија
(Видео) Костадинов: Мицкоски криминално испумпувал пари од ЕЛЕМ за луѓе од ВМРО-ДПМНЕ
„Ова се документи доставени до нас кои што покажуваат како извршителот Христијан Мицкоски распинички, криминално, крајно неодговорно се однесувал со парите на граѓаните додека бил директор на АД ЕСМ тогашен ЕЛЕМ.Еве како почитувани граѓани Христијан Мицкоски, најлошиот директор на ЕЛЕМ на сите времиња кој што во свое време ја поскапе цената на струјата за 100% народните пари ги давал на лица блиски до него и ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ.
Според него, како тогашен директор извршителот Мицкоски склучил Договор за адвокатски – советодавни услуги со Панче Тошковски, од ВМРО-ДПМНЕ, со кој му дал 1.600.000 денари, за период од две години.
„Само 5 месеци подоцна, во март 2017 година, Мицкоски склучува нов Договор со Тошковски, вреден нови 8.850.000 денари односно 143.000 евра, за адвокатски услуги!Се работи за Договори со Панче Тошковски, многу близок пријател на извршителот Мицкоски и човек кој беше дел од преговарачкиот тим за Законот за Јавно обвинителство.
Ете како почитувани граѓани извршителот Христијан Мицкоски ги испумпувал буквално парите на граѓаните и како ВМРО-ДПМНЕ ги полнеле своите џебови додека граѓаните плаќале поскапа струја за 100%.Тоа се истите шеми на Никола Груевски, извршителот Мицкоски очигледно дека доследно ги следел истите шеми.Мицкоски најмногу се плаши од Законот за јавно обвинителство. Затоа што знае дека и за него одговорност мора да има, исто како што одговорност ќе има за Никола Груевски.Овие документи којшто ви ги покажав, кои се индиции за криминал и расипништво со парите на граѓаните од страна на извршителот Мицкоски, ќе ги предадеме до надлежните институции.Ова е почитувани граѓани причината зошто Христијан Мицкоски на вчерашниот ТВ дуел беше нервозен, се потеше и не смееше да одговори за овие документи но секако не даде одговор ниту за криминалите на Никола Груевски.Ете зошто почитувани граќани Мицкоски не се огради од Никола Груевски, ниту од неговиот финансиер, Орце Камчев, зошто немаше став за ниту едно прашање.Затоа што знае дека исто како неговиот шеф Груевски и самиот Мицкоски е вплеткан во криминалната мрежа на ВМРО-ДПМНЕ за што одговорност мора да има.Освен што беше поразен во ТВ дуелот, казната за извршителот Христијан Мицкоски ќе му стигне и од граѓаните на 12 април, но и од правдата“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

