Македонија
(Видео) Костадинов: Целиот демократски свет го поздрави договорот со Грција

Од заробена и изолирана земја, денес Македонија е пример за решавање на отворени прашања во интерес на граѓаните. Почитувана држава – партнер и пријател со соседите и светот, изјави Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.
„Успесите и лидерството се проепознаени од целиот демократски свет. Германската влада вчера препорача отворање на преговорите со Македонија за полноправно членство во ЕУ. Холандскиот парламент веќе гласаше за преговори со Македонија. Северноатлантскиот совет прифати поканата за влез на земјава во НАТО да биде ставена на дневен ред на следниот самит на Алијансата. Европската комисија, Европскиот парламент, Стејт демартментот, НАТО, Обединетите нации, Австрија, Бугарија, Германија, Британија…се само дел од демократкиот свет којшто го поздрави лидерството на Македонија и Грција во решавањето на деценискиот спор“, рече Костадинов.
Тој потсети и дека британската премиерка Тереза Меј го честиташе постигнатиот договор и изрази надеж за придобивките, како за Македонија, така и за целиот регион. Исто така, додаде Костадинов и германската канцеларка, Ангела Меркел, го поздрави Договорот и најави силна поддршка.
„Ваквиот успех на меѓународен план, влијае и врз позитивните движења во економијата, раст на платите, повеќе пари кај граѓаните и повисок животен стандард“, истакна Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Германски државјанин протеран од државата: на натпреварот Шкендија-Карабаг во Скопје веел знаме „Голема Албанија“

По извршена идентификација и поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“ што се одигра на градскиот стадион во Скопје, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода.
Врз основа на обезбедените докази во координација меѓу полицијата и надлежното обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.
Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
Од Обвинителството најавија дека тие и МВР продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари. Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство.
Македонија
Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
Посветете внимание на децата, старите лица, лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.
Македонија
Алиу промовира нов модул за електронска евиденција на здравствени прегледи во областа на медицина на трудот

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција го промовира новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот. Модулот е изработен од Управата за електронско здравство во соработка со Институт за медицина на трудот и со Здружението на лекарите специјалисти по медицина на трудот.
„Модулот овозможува електронска евиденција на здравствени прегледи што досега се спроведуваа исклучиво на хартија, со што се прави значителен исчекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа област. Овој модул претставува значаен напредок во дигитализацијата и модернизација на здравствените системи, кој носи конкретни придобивки за сите граѓани, работодавци и здравствени работници во нашата држава. Во системот електронски се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје“, посочи Алиу.
Драгана Бислимовска од Институтот за медицина на трудот информира дека станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во националниот систем „Мој термин“, со која се овозможува електронски запис за издавање лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.
„На овој начин, конечно, ќе се овозможи интегрирање на дејноста медицина на трудот во системот ‘Мој термин’ преку регистрација на извршените здравствени прегледи, со што ќе се овозможи видливост и следење на нашите активности од областа на медицината на трудот. Особено е значајно што нас како лекари специјалисти по медицина на трудот ни се овозможува пристап до здравствените податоци за секое лице“, псочи Бислимовска.
Жаклина Чагороска од националниот електронски систем „Мој термин“ информира дека сите прегледи се вршат исклучиво во овластени здравствени установи, каде што лекарите се идентификуваат преку своја професионална лиценца или факсимил.
„Со секој преглед автоматски се креира посебен здравствен картон за овој тип на евиденција. Понатаму, системот автоматски генерира лекарски извештај, кој содржи медицинско мислење, идентификувани состојби, препораки за вработениот и за работодавецот, како и оценка на работната способност“, рече Чагороска.
Процесот на дигитализација ќе продолжи во следниот период со креирање портал за работодавците преку е-услуги за иницирање прегледи на вработените, интеграција во здравствените досиеја и прикажување во апликацијата „Мое здравје“, како и целосна дигитализација на документите и поврзување со институции преку интероперабилност, особено со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување“, најавија од Министерството.