Македонија
(Видео) Крај на мигранти во Македонија се става само ако се потпише резолуцијата на СДСМ, рече Кузеска
„Со договорени мигранти за пари ДПМНЕ ја предаде Македонија, ја продаде за пари, за скапи кредит врз грбот на народот. Цела недела одбегнуваа да одговорат на нашите повици, одбегнуваа да ја потпишат Резолуцијата во којашто експлицитно стои дека нема да дозволиме да се носат мигранти“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Наместо да застанат заедно со нас поднесоа контра Резолуција. Контра протести, контра Резолуција, лажни вести, закани со кривични пријави, исто како во време на Никола Груевски.
Со контра Резолуцијата ДПМНЕ–ЗНАМ го потврди она што СДСМ со денови го говори: постои договор „мигранти за пари“. Државата е во тешка финансиска состојба, дупката моментално е 1 милијарда евра. Трезорот се затвора пред време, доцнат исплати за породилно, социјална помош, на ДДВ, нема пари за плати и пензии.
Но, парите не и требаат на власта за граѓаните, туку за пумпање пари преку наместени тендери и бизниси.
Сите ги видовме криминалните шеми, 161 тендер, 14,5 милиони евра само кај две фирми.
Затоа договараат мигранти за пари и скапи кредити што утре ќе ги враќаат младите и идните генерации.
Затоа во контра Резолуција нема ниту една јасна одредба што забранува носење мигранти од Британија за пари.
Има игра на зборови, мигрантите ги кријат зад термини како „економски работници“ или „нелегални мигранти“.
Ова е национално предавство. Владата на Христијан Мицкоски ја распродава иднината на Македонија.
Ние заедно со граѓаните ќе ставиме крај на овие предавнички и криминални политики на ДПМНЕ-ЗНАМ.
Крај на на предавството на Македонија. Крај на корупцијата и криминалот. Крај на тендерите за пумпање пари од граѓаните. Крај на катастрофалните економски политики.
Крај на изолацијата! Доаѓа вашиот крај. Тоа граѓаните ќе ви го испорачаат! Борбата за Македонија почна и нема да застане. Сите ќе одговарате!“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

