Македонија
(Видео) Кривична за Доневски и за сопственикот на „Секјуриком“ за незаконски тендери од 11 милиони евра
Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, и В.Г., сопственик и управител на фирмата „Секјуриком“, се осомничени за местење незаконски тендери за чистење и одржување. Со незаконските дејства фирмата стекнала противправна имотна корист од над 11 милиони евра, а допрва ќе се утврдува за колкава сума е оштетен државниот буџет.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, рече дека истрагата траела три месеци и дека вчера е поднесена кривична пријава против Доневски за злоупотреба на службената положба и против лицето Гампер во својство на управител и сопственик на „Секјуриком мултисервис интернационал“ ДОО Скопје за соизвршителство, а во претресите на неколку локации одземени се документација и електронски уреди.
„Управата за финансиска полиција вчера изврши претрес на неколку локации, од каде што е одземена финансиска документација, која не ѝ била предадена на Управата. Одземени се електронски уреди, неколку УСБ-иња и едно патничко возило“, рече Муареми.

Според истрагата, пријавените склучиле договор на 31 август 2015 година спротивно на член 15 од Законот за јавните набавки, со кој „Секјуриком“ добил противправна имотна корист од 660.834.855 денари.
Муареми рече дека предметот вчера бил предаден во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и дека ова е само прва фаза од истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Чучер Сандево денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од село Горно Нерези (општина Карпош), како и корисниците од селата Глуво и Мирковци. (општина Чучер Сандево )
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево и претежно тивко
Сончево со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 9 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата времето ќе биде сончево и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови на одредени места ќе има појава на магла. Максималната температура ќе биде над просекот за овој период од годината.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.

