Македонија
(Видео) Кузеска: ВМРО-ДПМНЕ не расчисти ниедно убиство за шест месеци колку што е Тошковски министер
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес конференција обвини дека Македонија се претворила во Див Запад откако Панче Тошковски е министер за внатрешни работи.
Според Кузеска, земјава станала опасно место каде секојдневно се случуваат убиства, палење на автомобили и насилство кое останува нерасчистено.
„Неефикасноста на МВР раководено од Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ стимулираат уште повеќе криминал, ја влошуваат безбедноста и ги охрабрува пиштолџиите кои слободно се шетаат низ државата. Последното убиство во Тетово е само еден од низата на нерасчистени случаи заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ кои кога и да се на власт, во државата царуваат уличните банди. Само за потсетување, ни помалку ни повеќе, туку точно 4 убиства и 3 обиди за убиства се нерасчистени во последните шест месеци или во просек едно месечно“, вели таа.
Кузеска наброја и неколку настани.
„За потсетување, се уште нема епилог од 1 јули кога имаше пукање во Батинци кон автомобил во кое загина едно лице. Второ, нема никаков епилог и во фамозниот случај во кој во Железара матичниот 67-годишен лекар Ацо Трпковски беше пронајден избоден на паркинг пред поликлиниката. Овој случај датира уште од март. Понатаму, нема никаква разрешница ниту за убиството во Горно Блаце од февруари годинава. Таму со прострелни рани од автоматско оружје пронајдено тело на 56 годишник. Одиме понатаму, нема никакво решение или епилог за обидот за убиство на градоначалникот на Арачиново кон кој беше пукано од возило, а повредени беа возачот на градоначалникот и еден вработен во општината. Следно, МВР беше неспособно да открие и што се случило во Тетово во април годинава кога имаше пукање врз куќа на семејството Терзија во Тетово и обид за убиство. И конечно, нема разрешница ниту за нападот на Бит пазар порано овој месец кога 25 годишник бил физички нападнат и имало обид за убиство“, рече портпаролката на СДСМ.
На прес-конференцијата реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Грдото лице на власта на СДС и ДУИ значеше и бруталната пресметка на клановите Дуќанџик и Арачиново. Оваа клановска борба својот врв го достигна во време на Оливер Спасовски, кога лица тесно поврзани со мафијашките структури беа дел од неговиот кабинет, а полициски службеници заедно со криминалците учествуваа во директните пресметки, како што беше таа во хотелот Александар Палас. Владеењето на СДС и ДУИ беше симболот на беззаконието и јакнењето на подземјето.
Разузданите банди и мафијашките пресметки низ Скопје и други места се директно дело на поранешната власт, затоа што истите ги користеа за избори, а после им се оддолжуваа со тоа што им ги отвораа улиците за трговија со дрога. Жива срамота е СДС да се дрзне да говори за вакви пресметки, бидејќи тие се творците на клановите и клановските пресметки по угостителски локали, трговски центри и по улици. СДС нека се покрие од срам, затоа што ги охрабруваа членовите на подземјето да дивеат, им даваа заштита и поддршка, а не изостануваа и фотографии на мафијаши со функционери од власта на СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.

