Македонија
(Видео) Кузеска: Телохранителот на Мицкоски на подарок добил 40.000 метри квадратни земја
„Христијан Мицкоски треба да собере храброст да одговори пред граѓаните точно и директно: каква е неговата поврзаност со скандалот „криминални парцели“?
На површина, во јавноста излегуваат нови докази околу овој скандал и сите водат до Белиот дворец, до поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и луѓе околу Мицкоски.
Телохранителот на Христијан Мицкоски, извесен Влатко Илиевски, со еден купопродажен договор, на крајно сомнителен начин продал земјиште од речиси 40.000 метри квадратни во регионот на Делчево.
Договор е вреден неверојатни 500.000 евра.
Но, замислете, парцелите кои Илиевски ги продал не ги купил, туку истите како дар ги добил само неколку недели пред да ги продаде.
Зошто некој би дал подарок земја од 40.000 метри квадратни?
Еве ги договорите кои отвораат сомнежи. На Илиевски во период од десеттина денови му се подаруваат парцели земјиште со вкупна површина од близу 40.000 метри квадратни.
Сите парцели Илиевски потоа ги има продадено.
Овие шеми се случуваат пред почеток на изборната кампања, за што предистрага има отоврено и надлежна институција.
Сите факти од документите кои што се веќе објавени во јавноста и лесно достапни покажуваат инволвираност на лица кои се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Телохранител на Мицкоски, поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Делчево, татко на пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Дали разликата од препродажбата како црни пари завршиле во приватни џебови или во Белиот дворец за што постојат оправдани сомневања?
Затоа ли брзаше Мицкоски да ја турне Владата, за да се спаси од овој скандал?
За аферата „криминални парцели“, потребна е брза, ефикасна истрага на надлежните институции која ќе ги даде сите одговори и детали и ќе лоцира одговорност“.
Прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

