Македонија
(Видео) Курти отвори улица во Чаир: „Втора македонска бригада“ преименувана по политичар од Косово
Со музичка програма, обраќања и развиорени албански знамиња, група граѓани на Чаир и претставници на дел од албанските почитички партии се собраа попладнево во скопската населба, каде во посета допатува премиерот на Косово, Албин Курти, а улицата во помен на Партизаните „Втора македонска ударна бригада“, беше преименувана по политичарот од Косово и книжевник Адем Демачи.

Курти беше дочекан од првите луѓе на дел од албанските политички партии во земјава, но без присуство на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
До Курти на свеченоста стоеше „огнениот“ Изет Меџити кој по несогласувањето со политиките на ДУИ оформи ново политичко движење, а присутни беа и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, како и градоначалникот на Тетово и прв човек на БЕСА, Биљал Касами, додека најава за средби на Курти со функионери од власта – нема.


Како што беше најавено, улицата „Втора македонска ударна бритада“, беше преименувана во „Адем Демачи“.

Претходно, политичката партија „Левица“ беше во Чаир и на истата улица ги постави имињата на сите загинати борци од Втората Македонска Бригада.
„Улицата која ги славеше оние кои го дадоа животот во борба со фашистичкиот бугарски окупатор од утре ќе го слави Адем Демачи, сепаратист од Југославија и борец за Голема Албанија и независност на Косово, неколку пати осудуван на затворска казна во Југославија“, рекоа од Левицата.
Адем Демачи бил албански писател и политичар, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и Белград. Тој бил и раководител на политичкото крило на Ослободителна војска на Косово (ОВК), а потоа и политички активен во движењето Самоопределување на Албин Курти. Починал во 2018 година во Приштина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

