Македонија
(Видео) Кусакатска: Над 10% од учениците нема да можат да следат онлајн настава бидејќи Царовска ќе ги укине печатените учебници
Над 10% од учениците нема да имаат можност да следат онлајн настава и да продолжат со образованието, бидејќи Царовска ќе ги укине печатените учебници, обвини Весна Кусакатска, член на Комисија на ВМРО-ДПМНЕ за образование и наука.
„Мила Царовска, министер за образование и наука, најави дека ќе ги укинува печатените учебници, а учениците на располагање ќе имале електронски учебници. Царовска влегува во ваков зафат имајќи предвид дека десет отсто, една десетина од учениците, ја немаат таа можност да следат настава преку интернет. Со самото тоа, министер за образование сама ги лишува од образование 10 проценти од децата, создава нееднаквост и едноставно им го укинува законски задолжителното образование. Имајќи предвид дека вкупната бројка на ученици во Македонија е околу 250.000, бројот на овие ученици коишто Царовска и сега ги исклучува од образование во бројка изнесува околу 25.000 ученици“, вели таа.
Според неа, 1.300 ученици немаат струја во своите домови, стотици ученици наводно следат настава, ама на телевизија и учат од печатени материјали, од учебници.
„И ним министерката од следната година им ги зема учебниците од раце. Тие ќе бидат дискриминирани. Ја потсетуваме Царовска дека година и половина не успеа за нив, за тие за неа ‘само 10%’ ученици да обезбеди електронски уреди и интернет, па и струја“, рече Кусакатска.
Како и секогаш, додаде таа, Царовска вината и обврските ги префрла на други, така и сега вели училиштата ќе обезбеделе и таблет библиотеки или ќе печателе учебници.
„А, училиштата се под општините, општините се во долгови и немаат средства. Владата постојано ги сервисира, но тие пак се во долгови. Што ако сите ученици во училиштето побараат печатени учебници по сите предмети? Ќе им ги забраните? Препорачуваме Царовска да помине во Студена Бара, Дедебалци, Враништа и бројни други места и да ги посети училиштата. Така ќе добие вистинска слика и ќе ѝ стане јасно што треба да стори“, вели Кусакатска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

