Македонија
(Видео) Левица бара укинување на Регулаторната комисија за енергетика
Левица предлага укинување на Регулаторна комисија за енергетика и префрлување на нејзините ингеренции на Министерството за енергетика, истакана Амар Мециновиќ, пратеник и потпарол на Левица на денешната прес-конференција, оценувајќи дека постојниот модел ја продлабочува енергетската сиромаштија и овозможува прелевање на јавни пари во приватни џебови.
„Во период кога струјата постојано поскапува станува сѐ појасно дека нашата енергетска сиромаштија ги окупира животите на нашите граѓани. Потребно е веднаш да се реагира во законската материја. Енергетиката не е технократска играчка туку е основа за нормален и квалитетен живот. Тоа е јавен интерес од највисок ред“, порача Мециновиќ.
Од Левица посочуваат дека илјадници семејства живеат во енергетска сиромаштија додека цените на струјата растат, јавните претпријатија тонат во долгови, а приватните електродистрибутери остваруваат континуирани профити.
„Овој систем не е случаен туку е резултат на континуирани избори скриени зад маската на независноста на РКЕ. Така нареченото независно тело РКЕ со години функционира како штит за интересите на ЕВН и на сите други приватни електродистрибутери, а не како заштитник на граѓаните“, рече Мециновиќ и додаде дека „невидливото политичко влијание е најопасното за граѓаните“.
Како клучен елемент за укинувањена РКЕ Левица ја наведе потребата од јасна политичка одговорност.
„Предлагаме укинување на РКЕ, за да постои политичка одговорност. За да може да се повикаат на политичка одговорност нашите премиери, нашите министри, кога сметките растат вртоглаво“, беше нагласено на прес-конференцијата.
Исто така од партијата посочија дека ЕСМ континуирано работи со загуби, додека ЕВН остварува вртоглави профити, што според нив е директан последица на одлуките на Регулаторната комисија.
„Јавниот интерес се уништува, струјата постојано поскапува затоа што ова не е слободен пазар туку систем за прелевање на јавни пари во приватни џебови. Јавните претпријатија беа втурнати на слободен пазар со одлука на РКЕ и наместо стабилност добивме хаос во кој приватните профитираат, а јавните се ослабени и тонат во долгови“.
Како пример за спорни одлуки ја посочија улогата на РКЕ во изборот на ЕВН Хоум за универзален снабдувач, дозволувањетопаушални фактури без отчитување на броилата како и воведувањето скалесто тарифирање.
„Скалестото тарифирање е социјално праведно само ако има сто отсто отчитување на броилата. Се друго е казнување на сиромашните“, рече Мециновиќ додавајќи дека долгот на ЕСМ надминува над 200 милиони евра.
Посебно беше нагласена и мрежарината од 200 денари за сите 600 000 домаќинства. „Преку ова на месечно ниво ЕВН добива 2,1 милион евра, кои на годишно ниво се претвараат во 25 милиони евра. За осум години, доколу никој во Македонија не запали сијалица, ЕВН ќе оствари добивка од 200 милиони евра, колку им требаше ЕВН да го купат од нас“, посочи Мециновиќ.
Како илустрација за судирот на интереси, од партијата го посочија примерот со поранешниот претседател на РКЕ, Димитар Попов. „Тој претходно беше член на ВМРО – ДПМНЕ како што Бислимоски беше член на СДСМ. Пред изборот за претседател, Димитар Попов беше раководител на ХЕЦ во Ѓорче Петров во ЕВН. По завршување на мандатот, откако искористи една ипол година апанажа и повторно беше вработен во ЕВН на менаџерска позиција. Прашањето е очигледно: За кого работел претседателот на РКЕ помеѓу неговиот ангажман во ЕВН? За кого работи денеска Бислимовски?“, праша Мециновиќ.
На крајот од прес конференцијата Левица информираше дека ќе присуствува на најавената лидерската средба. „Како парламентарна партија која година ипол се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање на закони, преку консензус за некои државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог. За нас е најбитно да се создаде демократска атмосфера за време на изборите и нашите барања ќе одат во таа насока“, истакна Мециновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

