Македонија
(Видео) Лефков: Слични производи во Кисела Вода се набавувале со 50-тина пати поголема разлика во цена
„Истиот принцип на манипулација на тендерите за кој зборувавме во случајот со општина Бутел, бил користен и во тендер за општина Кисела Вода во време на мандатот на Филип Темелковски од СДСМ”, избави на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Тој додаде дека и во Кисела Вода за да се постигне најниска цена производите кои фирмата некако знаеле дека нема да се користат биле вреднувани со најниска цена, а за производите кои знаеле дека ќе се користат цената била многукратно повисока. Ова е можно само доколку некој од општината навреме ја известувал фирмата учесник на тендерот.
Станува збор за рамковен тендер што го добила фирмата МАГНУС инжинеринг ДОО Скопје, договор кој бил склучен на 28.9.2021 година со општина Кисела Вода, во вредност од 10.000.000 денари.
Лефков наведе примери како во Кисела Вода во време на мандатот на Темелковски недомаќински се трошеле народните пари:
Цената на чинење на комплет светилка со натриумова светилка HPS со моќност од 70 вати чинела 7.600 денари по парче, а иста таква светилка со моќност од 150 вати чинела само 143 денари. Разликата во цена е огромна, дури 53 пати. Односно помалку моќната чинела 53 пати поскапо од помоќната.
Ист случај е и со штедливата натриумова светилка HPS од 70 вати, која чинела 5.200 денари по парче, а иста светилка од истиот вид, но со поголема моќност од 150 вати чинела 95 денари. Разликата во цена е 54 пати поголема кај помалку моќната во споредба со таа од 150 вати.
Лефков уште еднаш ги повикува надлежните институции веднаш да го испитаат овој тендер, да се вклучи и Финансиската полиција и да истражи каде завршувале парите од сметките на оваа приватна компанија од овие набавки.
Јавното обвинителство да се ослободи од стегите на власта и да постапи по овој случај.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува надлежните институции да го испитаат овој тендер, ЈО да постапи согласно своите надлежности и да си проверат каде завршувале парите од сметките од ваквите набавки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

