Македонија
(Видео) Лефков: Францускиот предлог што Ковачевски сакаше да го прикаже како големо достигнување всушност е голем дебакл за Македонија
„Последните изјави кои доаѓаат од Софија ги демантираат манипулациите и лагите на Ковачевски и неговата влада. Катадневно пристигаат бугарски шамари за владата на Ковачевски. Имено т.н. Француски предлог што Ковачевски сакаше да го прикаже како големо достигнување на дипломатија всушност е голем дебакл за Македонија, а последна потврда за тоа е изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова која изјави дека Францускиот предлог е голем дипломатски успех за Бугарија и дека преку преговарачката рамка за Македонија се внесени бугарските позиции за што им се заблагодари на европските лидери за разбирањето“ порача на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој вели – „Јотова потврди дека дипломатијата предводена од Османи го преспала периодот, дозволила Бугарија да ги наметне своите ставови и да однесе целосна меѓународна победа. Затоа фаците на Ковачевски и на неговата екипа се скиселени, а во Бугарија ликуваат“.
„Уште еден удар, односно демант на лагите на Ковачевски и неговата влада доаѓа од бугарскиот политичар Илхан Ќучук. Додека нашава влада лаже дека сме отпочнале преговори, Ќучук им порачува дека преговорите нема да почнат се дури не е исполнет еден услов, клучен за Бугарија, а тоа е внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Е токму тоа е причината поради која граѓаните гласно се противеа на ваквата рамка, затоа што за Македонија се прават лоши преседани, се наметнуваат услови надвор од Копенхашките критериуми и се наметнуваат бугарски диктати кои бесконечно ќе ги одолговлекуваат преговорите. Ваквата катастрофална позиција Ковачевски и неговата Влада ја прифати за да има фото сесија и да може да зборува за некаков имагинарен почеток на преговори“ смета Лефков.
Пратеникот потенцира дека „само пред неколку дена дојде уште еден шамар и демант за владата на Ковачевски. Измеќарите од владата тврдеа дека со Протоколот се завршува потпишувањето на срамни и понижувачки обврски за Македонија, но според службениот МНР на Бугарија, Милков во Софија се работи на нов писмен документ со јасни обврски и задачи за Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

