Македонија
(Видео) МВР со засилени превентивни и репресивни мерки против употребата на пиротехнички средства
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Георгиевска-Павловска и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, денеска на Плоштад „Македонија“ присуствуваа на показна вежба на децата од средното скопско училиште „Владо Тасевски“, во рамки на превентивната кампања „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“.
Кампањата се реализира во организација на СВР Скопје – Одделение за превенција и Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, а нејзиниот фокус е ставен на подигање на јавната свест за сериозните ризици и последици од неовластената употреба на петарди и други пиротехнички средства, особено кај децата и младите.
Министерот Тошковски упати благодарност до сите институции и учесници вклучени во кампањата, нагласувајќи дека заштитата на животот и здравјето на најмладите е врвен приоритет.
„Овие превентивни активности имаат огромно значење. Ниту една прослава не вреди колку здравјето и животот на нашите деца. Благодарност до Црвениот крст, до Клиниката за пластична хирургија, до Средното училиште ‘Владо Тасевски’ и до учениците кои со своето учество испратија силна порака до јавноста“, изјави министерот Тошковски.
Во своето обраќање, министерот посочи дека Министерството за внатрешни работи годинава бележи значително зголемена откривачка активност во делот на нелегалната пиротехника.
„Заклучно со месец ноември 2025 година, откриени се околу 155.000 парчиња пиротехнички средства, што е речиси трипати повеќе во споредба со 2024 година, кога беа откриени околу 52.000 парчиња. Само во текот на овој месец, во рамки на посебна оперативна акција, запленети се дополнителни над 30.000 парчиња пиротехника“, истакна Тошковски.
Тој нагласи дека овие бројки се доказ за интензивната работа и посветеноста на полициските службеници, но воедно и аларм за големиот обем на пиротехнички средства што циркулираат во државата.
„Ќе продолжиме со решителни репресивни мерки, но превенцијата е суштинска. Мораме заеднички да ја подигнеме свеста дека пиротехниката не е неопходна за убави празници. Оваа порака ќе ја пренесуваме не само во Скопје, туку и низ целата држава“, порача министерот за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да се воздржат од користење на пиротехнички средства и заеднички да придонесат кон безбедни и мирни празници за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

