Македонија
(Видео) Мециновиќ: Претставуваат како партијата Левица да зела цела зграда, кули, хотели, а всушност земавме подрумски простории
„Идејата за купување на простории дојде од деветгодишното постоење на Левица и сметаме дека е време да ги обезбедиме нашите први простории како политичка партија. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обидувајќи се криминалот кој тие го имаат создадено преку својата „бела палата” која чини 60 милиони евра и за која плаќаат над 10.000 евра сметки за струја месечно, знаејќи дека целата јавност има веќе оформено став за нивниот криминоген имот – пробаа таа флека да ја пресликаат на други партии, но неуспешно“, кажа пратеникот и портпарол на Левица – Амар Мециновиќ.
„Премиерот мавташе со документите за овие простории како да се тајни, а всушност сите тие се достапни во катастарот за недвижности. Тие простории беа подолго време оставени празни и секој заинтересиран можел да ги разгледа и набави бидејќи беа изложени со натпис.
Ова е дел од една поширока ‘стратегија’ на ВМРО-ДПМНЕ која ја гледаме во последните денови, во која напаѓаат синдикалци и сѐ она што се однесува на нив, пробувајќи да ги поистоветат сите други општествени чинители со нивната криминогеност за да пробаат да ја “израмнат работата” и да бидат повторно некако над сите.
Претставуваат како Левица да зела цела зграда, кули, хотели, а всушност земавме подрумски простории кои беа руинирани. И се работи за хипотекарен кредит кој е земен, не од банката која го нудеше овој имот, туку од друга банка – се обезбедија средства да се купат просториите и тие да се реновираат. Ние не сме најбогатата партија во најсиромашната држава и ние нашите простории ги обезбедуваме на легален и многу транспарентен начин.
Во целата приказна со просториите, нема никакво посредство со извршител. Не се наоѓаме во морална стапица, сметаме дека идеолошки, прагматично и во пракса дека приватните извршители се погрешна работа и повторно ќе поднесуваме закони во врска со нив“, изјави пратеникот и портпарол на Левица – Амар Мециновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

