Македонија
(Видео) Милошоски: Бојкотот нанесе штета на податоците од пописот, особено за Македонците
Пописот, ваков каков што е во Република Македонија, покажува алармантни бројки, кои се поразителни за сите општини и за целата држава, освен за град Скопје, особено со тоа што имаме преголемо иселување, рече во денешното обраќање Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, власта сака да го прикаже пописот како успех, но иселувањето покажува дека тој е неуспех. Милошоски додава и дека бројката од 7,2 % неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен.
„Во Македонија денес беше објавено колку има население, како е тоа население дистрибуирано по региони, општини, по градови и како е тоа население по етничка припадност изјаснето. Но, првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7,2 % или повеќе од 132.000 за кои Државниот завод за статистика и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Милошоски, тоа се 7,2 % жители што го бојкотирале пописот, а како што рече, треба да се има предвид дека овој попис го бојкотирале Македонци.
„Како може тоа да се заклучи. Едноставно е, ќе споменам неколку средини и општини, каде што е поголема бројката на граѓани што не се попишале или не се изјасниле по етничка основа, а според нашите податоци, добиени од најмногу секторот образование, можеме да заклучиме дека нивниот број во најголем дел се работи за Македонци.
Во општина Аеродром имаме 5.247 Македонци што не се попишани, во општина Ѓорче Петров имаме 4.450 Македонци што не се попишани, во општина Центар – 5.000, исто и во Битола повеќе од 5.000, во општина Велес – 4.700 Македонци, Кавадарци – 2.500, во Кочани – 2.400 Македонци не се попишале, во Охрид – 4.300 Македонци што не се попишале, во Прилеп – 5.000 Македонци, во Струмица имаме рекордни 6.640 Македонци што не се попишан, во Штип околу 4.400 Македонци што не се попишале на оваа статистичка операција. И со тоа сметаме дека оваа статистичка операција, не успевајќи да ги дефинира сите параметри на овие присутни жители во државата, го прави пописот некомплетен“, рече тој.
Милошоски потсети дека од ВМРО-ДПМНЕ повикале на масовно попишување за време на пописот и покрај, како што рече, многуте забелешки.
„Но, за жал, имаше и одредени актери што повикуваа на бојкот и тој нанесе одредена штета на податоците на овој попис, на комплетноста на овој попис и на штета на Македонците“, нагласи тој додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ по смената на власта, се обврзува да спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Реконструкцијата на спортската сала Расадник е при крај, следниот месец треба да се пушти во употреба, најави Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се случува со спортската сала во Расадник, до каде е реконструкцијата, бидејќи долго време беше запуштена, изјави:
„Да благодарам, мислам дека е при крај. Мислам дека веќе следниот месец или месецот потоа најдоцна, треба и таа да се пушти во употреба, исто како што и салата во склоп на универзитетскиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Кажа и министерката колку сѐ сали се прават. Знам дека уште три во Скопје имаме, имаме во Крушево и така натаму, сега да не навлегуваме во детали. Зборуваме за десетици нови објекти кои што се прават. Дали е тоа доволно, не е. Запуштено било долго време ништо не се правело. Дали треба уште? Да треба, и ќе правиме уште вакви проекти, бидејќи реков, најмладите, децата ни се најважни и тие ни се приоритет како Влада.“
Македонија
(Видео) Поплави во Струмичко: реката однесе повеќе од 100 јагниња и овци од штала во Костурино, поплавени и земјоделски површини
Надојдената вода од реката Тркања вчера однесе повеќе 100 јагниња и овци во селото Костурино, на локацијата позната како „Шепово“.
„Струмица денес“ во текот на вчерашниот ден објави дека земјоделците се по своите ниви и се обидуваат да спасат она што може да се спаси. На терен се повеќе багери кои помагаат.
Поради обилните врнежи од дожд, на подрачјето на Општина Струмица беа регистрирани нагли зголемувања на водостоите и излевања од коритата, што предизвика поплави на повеќе локации.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, информира дека ги посетил најкритичните точки на терен, меѓу кои и селото Муртино, како и други локации каде состојбата била најизразена.
Според неговите информации, уште од утринските часови механизацијата на ЈП Комуналец била ангажирана на терен, а во интервенциите била вклучена и дополнителна механизација од приватниот сектор.
Од општината додаваат дека се одржува постојан контакт со жителите на погодените подрачја и дека состојбата ќе продолжи будно да се следи, имајќи предвид дека, според најавите, дожд се очекува и во наредните часови и денови.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма
Антикорупцискиот тим на СДСМ објави повеќе бомби, факти и докази за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, фаворит за тендери во општините под контрола на ВМРО. Дури 51 тендер во вредност од 16 милиони евра добила оваа фирма од општините на ВМРО, изјави Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Тој додаде дека преку дигиталната платформа МИЦКО.мк откриле и дека нејзиниот сопственик бил член на Избирачки одбор токму од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тендерската мрежа се шири преку семејни и партнерски фирми, кои добиваат милионски договори од институции под контрола на власта. АКТ откри и дека сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Оливера Доновска, има фирма со Филип Гулевски, кој пак со друга фирма добива тендер за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром. Вредност од 1,1 милион евра од министерството за спорт“, рече Димитријевиќ.
Тој кажа дека денеска откриваат нова бомба односно дека оваа пирамидална мрежа на тендери и фирми води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски.
„Оливера Доновска, сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Петар Доновски, е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје, основана 2019 година. По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски. Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Дали сега е јасно? Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А како што покажавме имаат и тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општини, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.“, рече тој.

