Македонија
(Видео) Милошоски: Заев ги помина сите црвени линии кои може народот да ги поднесе
„Имаме доволен број пратеници во Комисијата за надворешна политика, но исто така би сакал да констатирам и една работа дека имаме еден премиер кој ја распродава државата. И сметам дека денес не е приоритетно да имаме Комисија за надворешна политика за една ратификација, туку поприоритетно е да го кажеме нашиот став за еден чоек што е спремен да распродаде сè, вклучително и дел од нас тука доколку е неговото политичко преживување во прашање, без оглед на жртвите, достоинството, граѓаните, Уставот, слободата, сегашноста и иднината на Македонија“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Сакам да укажам на неколку работи. Прво, да изразам огромно незадоволство од тоа што господинот Заев на еден подмолен нечовечки и недостоинствен начин во едно интервју дадено вчера на медиумите во Македонија и соседна Бугарија се откажа од придобивките на народноослободителната војна, која е темелот на создавањето на оваа држава и е темелот на создавањето на темелот во Собранието во кое ние заседаваме. Вчера, Заев го понижи и се откажа од Кочо Рацин. Вчера, Заев ја понижи и се откажа од Естреја Овадија – Мара, народниот херој од Битола. Вчера, Заев го понижи и се откажа од идеалите на Неџат Аголи, кој заврши на Голи Оток. Вчера, Заев се откажа и го понижи и ја испогани жртвата на Стив Наумов, кој беше убиен во Ресен. Вчера, Заев заборави дека Кузман Јосифоски – Питу и Лиман Каба заедно формираа народноослободителен кружок во Дебар и со нивните жртви овозможија оваа држава да се создаде и овозможија денес да има образование, војска, Собрание, пратеници, народ, Устав, достоинство, да имаме држава“, вели тој.
Тој ги повика сите на протест, „без разлика дали некој е од СДСМ или ЛДП, без разлика дали е некој од Беса или од Алијансата, без разлика дали некој е од ДОМ или од друга партија“. „Ние сите и народни партии, и конзервативни и либерални, центар, и социјалдемократски, левичарски, денес треба сите да излеземе на протест за да му кажеме на овој човек дека треба да запре. Дека во државата има повеќе достоинство отколку што тој има интерес да го распродава државното, националното и традиционалното стекнато богатство, како слободата, со многу жртви и во Илинден и во АСНОМ и по тоа. Сметам дека господинот Заев ги помина сите црвени линии што може народот да ги поднесе. Сметам дека на ваквото понижување треба да му ставиме точка. Затоа, оваа седница на Комисијата за надворешна политика нема да ја почнам и ве повикувам сите заедно вечер со граѓаните да се придружиме на протест и да ги оправдаме и честа и жртвите и на Македонците и на Албанците, Евреите, Турците и на сите други што ги положиле животите за создавањето на оваа држава и да му кажеме стоп на овој човек, кој дејствува како неурамнотежен политичар и ги распродава интересите на Македонија, само за свои краткорочни политички цели“, вели Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

