Македонија
(Видео) Милошоски: Мафијашот Седат Пекер во Скопје бил пречекуван со полициски возила
Додека турската полиција денеска спроведува обемна акција и во Истанбул насекаде го бара меѓународниот мафијаш Седат Пекер, во Скопје тој се движел слободно со своите политички и бизнис-другари блиски до актуелната власт, обвини на прес-конференција претеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Турскиот државјанин Седат Пекер е познат по неговите трговии со кокаин и со други наркотични средства во целиот регион. Како што може да се види од ова кратко видео, Седат Пекер, којшто добил македонска патна исправа под името Џадин Амедовски, во Скопје бил пречекуван со службени полициски возила на аеродромот, му бил обезбеден ескорт до центарот на градот, а во градот бил придружуван и од лица од МВР како дел од неговото обезбедување“, нагласи Милошоски.
Тој посочи дека за разлика од Скопје, во Истанбул утрово од 6 часот турската полиција води голема операција во којашто се лишени од слобода повеќе од 40 лица, и се трага и по мафијашот Седат Пекер, кој, како што кажа Милошоски, во Македонија слободно добил патна исправа на име Џадин Амедовски.
„Во денешната акција во Истанбул турската полиција го бара за организирање на криминална група за поткуп, за рекет, за нанесување телесни повреди, како и за лишување од слобода на повеќе лица“, рече претставникот на опозициската партија.
Милошоски потсети дека одминува веќе четвртиот ден откако во јавноста се проговори за аферата „Мафија“ и за скандалот за издавање македонски патни исправи на меѓународни трговци со дрога.
„Македонската влада треба под итно да побара тим на експерти од Генералниот директорат за внатрешни работи на ЕУ, а сè со цел да не го доведе во ризик безвизниот режим на македонските граѓани и нивното патување во ЕУ, бидејќи овој безвизен режим Македонија го доби во 2010 година се заснова на принципот на високи стандарди, сериозна гранична контрола и меѓусебна доверба на државите членки на ЕУ и државите што уживаат безвизен режим“, порача тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

