Македонија
(Видео) Милошоски: Со предлог-законот за трговија со марихуана Македонија ќе биде Колумбија во Европа
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска го критикува предлогот за европско знаменце, на, како што рече, законот за бизнис со дрога – марихуана.
„Сметаме дека ова е скандалозен чин со кој по којзнае кој пат се злоупотребува европското знаменце за теми што немаат никаква регулатива во Европската Унија. Заев и Ахмети четири години ги лажат граѓаните дека од државата ќе направат европска Македонија за со овој предлог-закон за трговија со дрога да направат Македонија да биде Колумбија во Европа, земја во која трговијата со дрога, онака како што правеше началникот на МВР во Прилеп, ќе стане легален бизнис на семејството Заеви и на неговите коалициски партнери“, обвини Милошоски.
Според него, овој закон е скандалозен не само поради европското знаменце туку и поради тоа што премиерот ја приватизира Владата за носење закони, кои, како што рече, значат бизнис-профит за неговото потесно семејство.
„Најголемиот дел од бизнисот со садење марихуана и веројатно и продажба на црно на истата таа марихуана во Македонија го водат Трајче Заев, Бобан Заев и Радиша Заев и многу неформални плантажи што не гласат на нивна сопственост се управувани од овие луѓе“, обвини Милошоски.
Тој апелира до Делегацијата на Европската Унија и во Европската комисија во Брисел да го стопираат, како што рече, ваквото злоупотребување на европското знаменце за приватните бизнис-интереси на Заев и на Ахмети.
„Сметаме дека со ваквиот предлог-закон само ќе има зголемен профит за фирмите ‘МАМ Свети Николе’ и за фирмата ‘Фарма mедикал’ од Валандово, кои се во директна сопственост на блиската фамилија на Заев. Тоа значи дека во Македонија ќе почнат да владеат картели, младината ќе стане сѐ поподложна на психотропни супстанции, овие фамилијарни блиски пријатели на Заев ќе прават профит преку грбот на младите, а земјата ќе стане едно пристаниште и магнет за нелегалниот бизнис со дрога“, порача претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

