Македонија
(Видео) Министерот Шаќири го претстави предлог-буџетот на МИОА за 2021 година
Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, го претстави предлог-буџетот на МИОА за 2021 година осврнувајќи се на тековните и на идните проекти во насока на развој на дигитализацијата и професионализација на администрацијата.
Посочувајќи дека при изготвувањето на предлог-буџетот се водело сметка да се најде баланс меѓу оптимизацијата на расходите на јавната администрација и дигитализацијата на јавните услуги, министерот Шаќири соопшти дека вкупниот предлог-буџет на Министерството за информатичко општество и администрација за 2021 година изнесува 1.179.142.000 денари.
„Буџетот е составен од средства за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, Националната радиодифузија и Националната радио-телевизија, средства за работа на ‘МАР нет’, средства за дигитализација на услугите за граѓаните и бизнисите и средства насочени кон зголемување на ефикасноста и ефективност на администрацијата и процесите внатре институционално“, рече Шаќири.
Првиот столб, односно повеќето од овие средства, 900.000.000 денари, се одвојуваат за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, Националната радиодифузија и Националната радио-телевизија. На овој начин, како што рече, граѓаните се ослободени од трошоци, а од друга страна, овие институции добиваат редовни и предвидливи средства, односно се овозможува нивна автономност и независност.
Според министерот Шаќири, вториот столб во буџетот на МИОА е буџетот на „МАР нет“, кој изнесува 14.514.000 денари. Со одвојување средства во буџетот, а и како дел од Националниот оперативен бродбенд-план, ќе се инвестира во поврзувањето на универзитетите и сите други образовни и истражувачки установи во мрежата на „МАР нет“, што ќе придонесе кон реализација на целите поврзани со зголемување на потребите по користењето броадбенд-услуги и нивна промоција, како и намалување на дигиталниот јаз.
Министерот Шаќири понатаму посочи дека од преостанатиот дел од предлог-буџетот за 2021 година, односно третиот столб со буџет од 60.624.000 денари, голем дел од средствата е предвиден за дигитализација на услугите и полесен, побрз, поефикасен пристап до нив за граѓаните и бизнисите.
„Централниот регистар и Националниот портал за е-услуги се основата која е воспоставена. Сепак, тие бараат надградба и одржување. Порталот, кој сега овозможува дел од електронските услуги и само за граѓани, ќе биде надграден и за бизнисите. За овие проектираме поддршка од ЕУ преку ИПА-програмата“, рече министерот додавајќи дека со нов проект, со кој ќе се дигитализираат клучните регистри за граѓаните и бизнисите, ќе се развијат околу 130 нови електронски услуги што ќе се нудат преку Националниот портал за е-услуги.
Сите услуги, достапни до сите граѓани, се нашата приоритетна цел за 2021 година. Затоа, вложуваме во доближувањето на услугите до граѓаните на два начина: преку центрите „Една точка за услуги“ и преку набавка на хардверско и софтверско решение за издавање документи“, рече министерот Шаќири.
„Преку средствата обезбедени за членство во инцијативата за отворено владино партнерство ги утврдуваме темелите на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните“, посочи министерот.
Претставувајќи го предлог-буџетот, министерот Шаќири се осврна и на програмата ИСА 2 на ЕУ, со која се поддржува развојот на дигитални решенија за јавната администрација, бизнисот и граѓаните во Европа, со што се овозможува поголем бенефит од прекугранични и меѓусекторски јавни услуги.
Средства во буџетот за 2021 се издвоени и за пенатрациско тестирање на системите, за државен репозиторум за изворни кодови и регистар на софтверските решенија развивани за потребите на државата, како и за Електронскиот систем за автоматизација на административните постапки (еСДП).
„Со воведување на Електронскиот систем за автоматизација на административните постапки (еСДП) секоја работна задача кон вработените кои спроведуваат управни постапки ќе се задава јасно и прецизно со можност во реално време да се следи нејзиното извршување. Владата на Република Северна Македонија планира до крајот на 2021 година да го воведе овој систем во најмалку 30 % од вкупниот број на органите на државната управа, а до крајот на 2024 година во сите органи на државната управа. Со ова ќе се зголемат ефективноста и отчетноста за работата на административните службеници кои спроведуваат управни постапки и полесен и побрз пристап на граѓаните до административната правда“, рече министерот Шаќири.
За четвртиот столб, посочи министерот, се планирани 90.424.000 денари, и тоа за: дигитализација и ефикасна администрација, за обуки на вработените, обуки на сите нивоа во администрацијата за спроведување на Законот за општата управна постапка како од гледна точка на администрацијата така и од корисниците на услуги, односно учесници во административните постапки, издвојуваме и средства за софтвер за е-инспекторати, со кој значително ќе се олесни и ќе стане поефикасна работата на инспекторатите.
На крајот, министерот посочи и дека се вложува и во други два система: информациски систем за управување со човечки ресурси и документ-менаџмент системот. Првиот е основа за анализи и креирање политики во согласност со потребите на институциите. Со вториот се вложува во електронското управување со документи. Преку Националниот систем за управување со документи – ДМС-системот институциите ќе може да разменат документи во електронска форма. Размената на документите ќе биде во реално време.
Во прилог интегралното обраќање на министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, на прес-конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

