Македонија
(Видео) Мисајловски: Ќе ја намалиме невработеноста под 10 проценти
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја намали невработеноста под 10 проценти, изјави потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски, кој денеска беше во Шуто Оризари.
„Денеска имам една убава прилика тука во Шуто Оризари да се сретнеме со повеќе граѓани, со луѓе кои сакаат промени. Луѓе кои постојано зборуваат за урбан хаос во овие улички, каде што нема инфраструктурни проекти. Луѓе кои што сакаат да имаат подобра иднина, луѓе кои што сакаат да останат тука во Шуто оризари, но сакаат да имаат подобар стандард. Разговаравме за нивните маки, за она што значи редовна социјална помош, а моментално не ја добиваат. Она што најмногу треба да им се вети, а ВМРО-ДПМНЕ ќе им го вети и ќе го исполни, е да имаат повеќе вработувања. Луѓе кои едноставно сакаат да живеат подобро и да бидат рамноправни со сите. Јас сум навистина благодарен што толку многу граѓани дојдоа денеска на овие средби да ни дадат поддршка“, рече Мисајловски.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, ќе остане партнер со сите овие граѓани, не само за изборите, туку и после изборите, бидејќи овие граѓани тука во Шуто Оризари заслужуваат повеќе проекти.
„Заслужуваат повеќе улички, повеќе осветлување, заслужуваат вработеност, заслужуваат нови проекти од оние од Агенцијата за вработување, каде што ВМРО-ДПМНЕ директно ќе ги понуди за Ромите. За да можат што повеќе образувани луѓе, тука да најдат своја работа. И тоа е многу важно, бидејќи кај Ромите има многу добар образовен кадар, кој треба да остане тука и да помогне да се води државата. Драго ми е денеска што исто така МВР има акција која значи стоп за било каков поткуп. Јас ја поздравувам навистина“, рече Мисајловски.
Тој порача дека никој не смее да си игра со гласот на народот.
„Треба граѓаните да излезат тука во Шуто Оризари и насекаде во Македонија, да си гласаат разумно, да си гласаат за опцијата што ја сакаат и тоа е добра кампања и јас го поздравувам министерот, и секоја чест за ваквите средби директно со граѓаните. Тоа значи дека е посветен, тоа значи дека сака да има фер и демократски изборен процес. Впрочем, оваа влада е техничка токму за ова. За секој граѓанин да се чувствува комотно да излезе и да гласа. Затоа секој граѓанин може да пријави до МВР, да се спречи било каква манипулација за време на изборниот процес, но се разбира и дента на гласање. Затоа уште еднаш ги охрабрувам МВР да продолжат со оваа акција и тоа е добро за граѓаните и фер за демократијата. Уште еднаш сакам лично да им се заблагодарам на сите граѓани во Шуто Оризари за добриот прием и за едно убаво добредојде. Се чувствуваме навистина убаво и ќе продолжиме секогаш да доаѓаме“, рече Мисајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

