Македонија
(Видео) Митева: Бизнисите во Македонија плаќаат и до 100% поскапа струја во однос на земјите во регионот
„Власта повторно удри по џебот на граѓаните. Најголемиот број од домаќинствата и бизнис-секторот ќе плаќаат поскапа струја од декември. И непобитен факт е дека Македонија е со години во криза, а сите кризи се резултат на неспособноста на оваа власт на СДСМ, поради нивните тендери во 4 очи и поради тоа што со покачувањето на цената на електричната енергија СДСМ овозможува само личен екстра профит“, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа посочи дека „со владата на Ковачевски, бизнисите во Македонија плаќаат и до 100% поскапа струја во однос на земјите во регионот. Според официјалните податоци на ЕУРОСТАТ за 2021 година за цената на струјата која ја плаќаат малите и средните бизниси со потрошувачка од 500 до 2000 мегават часови се гледа дека бизнисите во Македонија плаќаат и до двојно поскапа струја во однос на бизнисите од регионот“.
„Во 2021 година фирмите во Македонија плаќале за 82% поскапа струја од нивните колеги во Црна Гора, за 38% поскапа струја од бизнисмените во Србија, за 66% во однос на турските, за 70 во однос на босанските, за 98% во однос на косовските, за 12% во однос на хрватските и за 18.5% во однос на словенечките. Ова е доказ дека македонските фирми плаќаат најскапа струја во регионот, и тоа е пред се последица на криминалот и неспособноста на владата. Го намалија производството на Енергетскиот сектор во Македонија скоро двојно“, рече Митева.
Од опозициската партија посочуваат дека „СДСМ со своето недеjствување, криминал и неспособност сега придонесува истата ситуација да продолжи и следната година“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

