Македонија
(Видео) Митева: Владата ги потцени наставниот кадар, родителите и учениците
Генералната проба, која се покажа неуспешна, заврши. Владата предводена од СДСМ не само што се прецени туку и го потцени целиот наставен кадар, сите родители, па и сите ученици, изјави Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нè уверуваа дека за еден месец може да направат нешто што не може да се реализира. На самиот почеток на учебната година, во согласност со Сојузот на средношколците, над 80 илјади ученици немаат основни услови за следење онлајн-настава. Нивното барање за воведување комбиниран модел на образование не е дозволено од Министерството за образование и наука. Учениците со право стравуваат дека учебната годината може да биде изгубена. Не може да биде оправдување што министерот е сменет. Владата, па и повеќето од министрите се исти, само со сменети некои ресори. Ако Владата мислеше барем малку на образованието, со ова темпо ќе работеше цело минато полугодие. Но, за нив одржувањето на изборите и водењето институционална кампања беше приоритет“, рече Митева.
Таа вели дека за да се презентира нормален почеток на учебната година, наставниците и учениците се насочени кон употреба на мрежата „Мајкрософт тимс“ затоа што Националната платформа е комплетно нефункционална. Митева оценува дека македонското образование се соочува со многубројни инфраструктури проблеми, слаб квалитет според меѓународните тестирања, несоодветни образовни програми и недоволна мобилност.
„Ние решенија понудивме во нашата програма, се однесуваат на интегриран електронски систем во образованието, кариерен центар за наставниците со цел градење на капацитетите, воведување квалитетни наставни програми и многу други проекти. Прашањето е дали имате желба вистински да ги подобрите состојбите во образованието? Дали се обврзувате да воведете модерна настава со дидактички средства и опрема или со неуспешни платформи? Потребно е да ги препознаете базичните морални и етички вредности, па потоа да се направи избор и начин на соочување со предизвиците. За крај, доколку не успеете, да си поднесете оставка“, додаде Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

