Македонија
(Видео) Митева: Катастар пред банкрот, зголемување на давачките до 500 отсто
„Во услови на длабока сиромаштија, кризи и инфлација, СДСМ им воведе нови поскапи цени на услугите на Агенција за катастар на недвижности. Со новиот Тарифник на Катастарот услугите за добивање одредени податоци се поскапени за 100, 200, па и за 500 отсто, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокатите и граѓаните кои користат катастарски услуги“ рече на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Митева даде и примери за овие тврдења:
„Ако досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552 денари, односно за повеќе од 100 отсто, или ако правото на упис на стан досега чинеше 300 денари, сега е 1200 денари, или ако имотен лист чинеше 180 денари, сега е 250 денари“.
„Запишување на стан има зголемување за преку 300%, запишување на парцела има зголемување од 100%, имотен лист зголемување за 40%, а зголемување на поедини производи оди и до 500%“ дополнува Митева.
Посочи дека „ваквите измени на тарифникот се направени без никаква консултација со најзасегнатите страни. Ваквите измени согласно член 37 став 2 од Законот за катастар на недвижности, ги донесува Управниот одбор на Агенцијата по претходно добиена согласност од страна на Владата“.
„Ова докажува дека додека власта со полна уста зборува за наводна грижа и помош за граѓаните и за стопанството во услови на економска криза, дава согласност за зголемување на цените на услугите кои им се неопходни на граѓаните и бизнисот. Власта на дело покажува самоволие и невиден грабеж“ смета Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за Комунална хигиена
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за започнување на најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град“, соопшти Град Скопје.
Македонија
Клиниката „Жан Митрев“ официјално акредитирана како Европски центар за третман на дебелина – EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM)
Центарот за менаџмент на обезност (дебелината) при Клиника Жан Митрев се стекна со престижниот статус EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM) и е официјално акредитиран од Европската асоцијација за проучување на обезноста (EASO) за периодот 2026–2028 година, со што станува признат како водечки центар за третман на обезност на европско ниво. Оваа акредитација претставува највисоко европско признание во областа на третманот на обезноста и се доделува исклучиво на центри кои ги исполнуваат најстрогите медицински, научни и организациски критериуми, во согласност со европските и академските клинички упатства. Процесот на акредитација вклучува темелна евалуација од страна на EASO COM Working Group, која ја потврдува клиничката извонредност, мултидисциплинарниот пристап и долгорочната грижа за пациентите.
Со ова признание, Клиника Жан Митрев станува прв и единствен EASO-COM акредитиран центар во рамки на приватна здравствена установа во целиот Балкански регион, позиционирајќи ја клиниката како регионален референтен центар за современ, интегриран и научно заснован третман на дебелина.
EASO COM акредитацијата е директна гаранција за пациентите дека третманот на обезност во Клиника Жан Митрев се спроведува според највисоки европски стандарди и носи конкретни придобивки: лекување и примена на валидирани клинички протоколи, структуриран пациентски пат и континуирано следење на резултатите. Овозможува пристап до најновите научни достигнувања и современи терапии преку вклученост во европски експертски мрежи, размена на знаења и имплементација на најнови терапевтски пристапи во третманот на обезноста, како и соработка со врвни европски медицински центри во EASO COM мрежата, во креирање европски консензус-насоки и заеднички стручни иницијативи.
Центарот за менаџмент на обезност е раководен од д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог, чија стручност, посветеност и професионализам беа клучни во процесот на стекнување на ова високо европско признание.
Третманот се спроведува преку мултидисциплинарен тим, составен од ендокринолог, генетичар, физиотерапевт, психолог, психијатар, како и други медицински специјалности по потреба, што овозможува сеопфатен, персонализиран и долгорочен пристап кон обезноста како хронично и комплексно заболување.
Со оваа акредитација, Жан Митрев Клиника уште еднаш ја потврдува својата мисија да обезбеди европски стандарди, медицинска прецизност и врвна грижа за пациентите, поставувајќи нови стандарди во современото здравство.
ПР

