Македонија
(Видео) Митева: МОН платило пола милион евра за еднократна употреба на скрипти, кој профитира, а кој губи од двојно плаќање за иста работа?
Сведоци сме на молк од МОН за потрошените половина милион евра за печатените привремени учебници. Молк за огромниот скандал преку кој власта повторно наоѓа простор и начин како да спроведува експерименти кои скапо нè чинат. Молчат и не одговорија на прашањата за кои јавноста чека одговори. МОН наместо да обезбеди учебници за учениците согласно законските обврски, спроведува договор за подготовка, печатење и дистрибуција на материјали за еднократна употреба во основното образование во вредност од половина милион евра, изјави на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Овие материјали се со важност од само 3 месеци, за првото тромесечје од учебната година, и тоа само за прво, второ, четврто и петто одделение половина милион евра. Во бројка, тоа се скрипти за само 80.000 ученици. Дополнително, примената на овие привремени учебници во понатамошниот образовен процес сè уште не е утврдена, најверојатно истите нема воопшто да се користат, или можеби ќе ги користат за адекватна замена онаму каде што ќе недостасуваат учебници бидејќи, видовме, тоа годиниве стана пракса. Половина милион евра потрошени за една употреба, истакна Митева.
Таа додаде дека за состојбата да биде уште посомнителна, говори и фактот што овие т.н. скрипти се збир од материјали кои власта успеала ги сублимирала од минатогодишните учебници и дел од новите. Имено, станува збор за само една скрипта- учебник, внимавајте, само една скрипта од стотина страници во кои се содржани сите наставни предмети. Дополнително, содржината на оваа скрипта е збир од веќе постоечките, минатогодишни учебници и само поделена во делови за да се направат материјали за учење.
Почитувани, отсуствува чувство на одговорност од министерот Шаќири, кој прашан од новинарите колку ја чинеше државата печатењето на овие привремени скрипти – одговори дека не знае, го нема тој податок. Ние знаеме – тие привремени материјали чинат 530 илјади евра. МОН е должно да одговори – кој ги одобрил овие материјали, зошто се плаќа за дупло печатење кога можеле да се испечатат учебници знаејќи дека оваа скрипта е збир на учебен материјал од минатата година и најважно кој профитира, а кој губи од двојно плаќање за иста работа? Јавноста чека одговори, изјави Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

